По одредувањето 30 дена притвор за Катица Јанева, обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, соопшти дека истрагата за случајот „Рекет“ не е завршена и дека уште трае.
Во однос на притворот, Рускоска појасни дека одлуката за барање притвор за Јанева била донесена откако биле собрани доволно докази за сторено кривично дело. Такво нешто досега немало поради тоа што единствена индиција бил гласот што се случа во телефонските разговори, но во меѓувреме биле собрани цврсти докази против Јанева.
Истовремено, Рускоска објасни дека при нејзиниот вчерашен разговор со Јанева, ѝ дала шанса на колешката да даде свое видување и дека Јанева не била повикана како сведок.
Не знам што ви изјавила колешката, но знам како што сум ја повикала – како лице од кое се собираат потребни известувања. Предметот е многу експониран во јавноста, многу работи излегоа во јавноста и едноставно прво сакав да ја слушнам што има да каже. Не ја сослушав како сведок, туку како лице од кое се собираат потребни известувања – изјави обвинителката Рускоска.
Обвинителката за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека побарала од адвокатот на Јанева да ги откаже полномошната за другите обвинети во случајот „Империја“. Рускоска изјави дека во текот на истрагата немало никаков политички притисок за случајот.
Јанева е осомничена за кривично дело злоупотреба на службена положба по член 353 став 3 вв став 1 од КЗ за прибавување „имотна корист во значителен износ“, во случајов од 1,5 милиони евра. За ова дело предвидена е затворска казна од најмалку 3 години.
Comments are closed for this post.