Вработен во Амбасадата на Македонија во Русија е прогласен за персона нон грата, како одговор на акциите на Скопје во август, соопшти МНР на Руската Федерација.

На 4-ти октомври в.д. амбасадорката на Република Македонија во Руската Федерација Оливера Чаушевска-Димовска, беше повикана во Министерството за надворешни работи на Русија, каде што ѝ беше врачена нота од Министерството со која вработен во Амбасадата на Македонија во Москва се прогласува за персона нон грата, стои во соопштението на МНР на Русија.

Во август годинава од Македонија беше протеран руски дипломат, па ова се смета за своевидна одмазда на Русија кон нашата земја.

Во текот на една година, во Скопје беа одземени акредитации на двајца дипломати од Руската Федерација, а како објаснување МНР соопшти дека станува збор за солидарност со Прага по дипломатскиот скандал околу бомбашките напади во Врбетица во Чешка.

И двапати Русија одговори со иста мерка, односно протера по еден вработен во амбасадата во Москва.