Државната изборна комисија (ДИК) е максимално подготвена за Локалните избори, вели во интервју за МИА претседателот на Комисијата Александар Даштевски, нагласувајќи дека идеални избори не постојат, но се надева дека ќе бидат многу подобри од кои било други досега, бидејќи се воведува гласање со отпечаток од прст.

Можеби ќе има некакви проблеми, но ќе спречи најголем дел од нерегуларностите што постоеа кај нас. Затоа и се договорија големите партии да го воведат овој начин на гласање, вели Даштевски во интервјуто.

Тој потенцира дека недоверливиот и доверливиот материјал во којшто спаѓаат и уредите за биометриска идентификација се навреме доставени до општинските изборни комисии и до избирачките одбори, како и дека за спроведување на изборите со уредите се направени три циклуси на едукација на нивните членови. За денот на изборите, на 17 октомври, ќе бидат ангажирани 400 ИТ инжинери и експерти, 320 од ДИК и 80 од компанијата „Дермалог“ од која се набавени уредите, кои ќе се погрижат да се надминат сите евентуални проблеми со нивната примена.

Даштевски во интервјуто за МИА за јавноста уште еднаш појаснува каква ќе биде постапката за гласање, нагласувајќи дека е казнив секој обид за манипулација или неправилност или оштетување на уредите за проверување на отпечатоците од прсти на гласачите.

Претседателот на ДИК најавува дека на овие избори резултатите ќе бидат објавени околу или после полноќ, бидејќи ќе се споредуваат.

Ќе бидеме внимателни, бидејќи постојат уредите за да пресметаме добро за да не испадне да објавиме едни, па после да испаднат други. Така што малку поспоро ќе оди, меѓутоа има држави каде што резултатите ги чекаат по еден месец, посочува тој во интервјуто за МИА.