Владејачката партија СДСМ со помош на судството кое работи по нивна директива, врши преизборна медиумска хајка против медиуми врз кои нема контрола. Како се приближуваат предвремените парламентарни избори, така се зголемува притисокот врз медиумите, се нижат пресуди, казни, обвинувања, закани, како и уцени на дневна основа.

По пресудата со шестмесечната затворска казна или условна казна од 2 години за уредникот на Инфомакс, Александат Митовски, којшто е прв ваков пример во Европа, судиот во текот на вчерашниот ден со уште една нелогична пресуда и притоа наложување медиумот да ги сноси трошоците на тужената страна во постапката во висина од 135 357 денари. И покрај изнесените клевети и лаги судот донесе ослободителна пресуда за скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој наводно, не сакал да оцрни медиум, туку погрешно бил разбран.

Прво судската постапка, по поднесена тужба од „Република“ против тогашниот портпарол на СДСМ, сега скопски градоначалник, траеше неразумно долго – 4 години. Причина полтичкиот ангажман на Петре. Првостепената постапка се влечеше 3 години, една година постапката пред Апелациониот суд. Шилегов не доаѓаше на рочишта, судијката Весна Калковска имаше разбирање зошто Петре бил тоа што бил… Градоначалник. Да беше обичен работник, ќе немаше пардон, истражарно ќе го приведеа, ама Петре си е Петре. Му се може, кога, судството е во рацете на неговиот партиски лидер Зоран Заев. Впрочем, и Заев сам си кажа – без него ништо не се може.

Калковска за време на рочиштата се обидуваше да објасни дека Шилегов не мислел на медиумот Република кога на прес конференција одржана пред просториите на медиумот Република мафташе со податоци од Централен Регистар на медиумот, објавувајќи ги и личните податоци на директорот на Република, Доне Доневски, како име и презиме, адреса на живеење и матичен број. Впрочем, и таа постапка, пред Дирекцијата за заштита на лични податоци се крие во фиока. Очигледно судењето имаше цел да го оправда Петре Шилегов и да ни образложи на нас, како тужители, што сакал Петре да каже. Не е битно што тој изнесе груби лаги и невистини, за некакви наводно добиени тендери. Станува збор за сосема друго правно лице, а Петре истите тендери ги посочи како тендери кои ги добил нашиот медиум. Република и во оваа прилика најодговорно тврди дека не само што тие тендери не седобиени, туку дека Прва Република никогаш не учествувала на никакви тендери. Сосема случајно Петре стоел тука и сосема случајно на медиумите им делеше податоци за Прва Република, фирмата под која е медимот Република.

Тоа не беше прва прес-конференција. Со истите податоци Петре Шилегов стоеше и на Водно, сакајќи да им покаже на граѓаните каде завршувале нивните пари – наводно во Република… Апсолутна лага, која се виде на суд, па судијката под директива на СДСМ, мораше да наоѓа оправдувања за клеветата на Шилегов, притоа за време на рочиштето нарекувајќи ја тужената страна – Градоначалниче Шилегов… Исти сме нели, пред законите. По првата прес-конференција Република испрати демант и побара извинување. Но, портпаролот на СДСМ ја излезе на втора прес-конференција пред просториите на „Република“. Наместо извинување, повторно излезе со обвинувања вршејќи притисок врз „Република“ и новинарите од овој медиум, но и врз други медиуми, кои, лидерот на СДСМ Зоран Заев ги нарече непријатели.

Петре Шилегов се повикуваше на официјални документи кои наводно потврдувале некакви приходи кои „Прва Република ДООЕЛ Скопје“ ги добила од Владата на РМ. Посочуваше суми од скоро милион евра кои наводно се добиени врз основа на тендери од Владата на РМ, датуми и транскациска сметка на која истите пари биле уплатени, притоа приложувајќи сметка на сосема друго правно лице од сосема друга дејност, а не е на „Прва Република“. Но судијката Калковска тука не можеше да види никаква клевета… Чудно.
Значи потврдуваме и најодговорно тврдиме дека станува збор за сосема друго правно лице а не за Прва Република ДООЕЛ Скопје.

И повторно на дело „трас-трас“ судството на Зоран Заев. Апелација, еден ден по пресудата против новинарот Митовски, сосема случајно, нели, ја одбива жалбата на Прва Република за првостепената пресуда и проценува дека Петре Шилегов друго сакал да каже, а не тоа што сите го разбраа како што го разбра и „Република“ и како што медиумите блиски до СДСМ го пренесоа. Повторно образложување што сакал Петрета да каже, а не што кажал, каде кажал и со што мафтал. Нема тука никаква пристраност, нема тука притисок и заплашување на медиуми. Не не, нема, исто како што нема и клевета од страна на Шилегов. Нема за оние кои се слепи пред реалноста. Судот потврдува дека тие пари и тендери за кои зборуваше Шилегов не стигнале до Република, ниту пак Република учествувала на некакви тендери, но негираше дека со тоа Петре сакал да и наштети на Република. Само лошо се изразил, мислел на друг правен субјект. И веројатно сосема случајно се нашол пред просториите на Република и во рака сосема случајно држел податоциза Република извадени од од Централен регистар.