Мојот докторат не го препорачувам само на г-динот Бучковски, туку на сите носители на јавни функции, кои според својата надлежност се вклучени во разрешување и дебатирање за прашања поврзани и актуелни во однос на билатералниот спор, што ни го отвори сега Република Бугарија, апропо нашето членство во ЕУ и почетокот на преговорите со преговарачката рамка, вели поранешната потпретседателка на владејачкиот СДСМ и на Парламентот, Фросина Ременски.

Ова од причина што три години работев на едно истражување за мојот докторат, кој е насловен „Македонското национално малцинство во соседните земји-Современи состојби“. Престојував и во Бугарија, и во Грција, и во Албанија, и во месноста Гора, и во Србија, и ги анализирав состојбите на Македонците преку Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, што е правно обврзувачки, мултилатерален документ на Европа за заштита на малцинските права. Нашата земја ја има ратификувано таа Конвенција и ние имаме многу обврски по неа.

Интервјуто со проф. Ременски го водевме по нејзиниот фб статус со кој му порача на специјалниот владин претставник за Бугарија да не тргнува на пат без да го прочита нејзиниот докторат. Во него говориме за загубената доверба меѓу Македонија и Бугарија, за условувањето, одговорноста, администрирањето или окупацијата за време на Втората светска војна…

*Дали сите наши соседи ја имаат ратификувано таа Конвенција?

-Ратификација имаат направено сите соседи, освен Грција. Таа ја има потпишано, но ја нема ратификувано.

*Да, но нашата држава се откажа од малцинствата во соседните земји?

-Не се откажа. Тоа е многу погрешна теза, што се пласира во јавноста. Ако земеме да ги анализираме нашите државнички позиции во изминативе години по однос на прашањето на малцинството, сакам да кажам дека уставните измени на амандаманот 1 и 2, што ги направивме 93-та година, кога требаше да станеме членка на Европската заедница и на ОН, само ја допрецизира одредбата од Уставот која важи и сега. А, таа се однесува на следново-дека во грижата за своите, за македонскиот народ во соседните земји, за нивните економски, културни, социјални права Република Македонија, сега Република Северна Македонија нема да се меша во внатрешните работи на земјите во кои што има граѓани, кои себеси национално и етнички се идентификуваат како Македонци. Тоа значи дека мешањето во внатрешните работи може да се прави исклучиво преку политичките права, во смисла на политичко организирање, формирање на политички партии на етничка основа, но грижата за културтните, економските и социјалните права е уставна обврска и ден денес. Прашањето е дали ние воопшто сме ги зафатиле прашањата за грижата и сега многу вешто се манипулира со таа теза дека ние сме се откажале. Многу е нелогично и нејасно, и класично непознавање покажуваат министрите за надворешни работи и на Бугарија, вклучително и некои наши во изминатиот период.

*Кога велите некои наши, на кого конкретно мислите?

-Не мислам на сите министри. Особено и политичарите зборуваат за откажување од национално малцинство. Тоа не е прашање за државата, туку е прашање на индивидуално право на секој граѓанин национално да се определи или да не се определи. Правото на граѓаните, државјаните на Република Бугарија, етнички да се определат како Бугари, како Турци, како Роми, како Власи, како Македонци или како други, не е право на Република Македонија да ги определува, туку тоа е индивидуално право на граѓанинот да се определи или не. И не може држави да преговараат за индивидуалното право на граѓаните.

*Да, но бугарската страна вели дека според уставот на Република Бугарија не постојат такви можности?

 

-Не. Уставот на Република Бугарија, во членот 11, забранува формирање на политички партии на етничка основа. Но, тука не се вбројува правото на здржување на граѓаните во здруженија за заштита на културни традиции и наследства. ОМО Илинден-Пирин, којшто години наназад добива бројни пресуди од Судот во Стразбур, не е политичка партија. Тоа е здружение со кое јас сум работела, сум имала комуникација со нивни претставници, и работи на зачувување на македонската културна традиција во Бугарија. Фактот што Бугарија не го регистрира Здружението како легално е факт на негација на македонското во Бугарија, што е неспорен факт. Во докторатот се поместени историографски податоци од пет странски архиви и јас не говорам за субјективно селектирани податоци. Таму има податоци од пет странски архиви, разни научни истражувања, од различни дебати, податоци од пописи кои датираат од османлиско време, па се до последниот во 2001 година. И морам да укажам дека, за жал, бројот на декларираните Македонци во Бугарија е драстично намален од 91 до 2001 година. Ако во 91 тој број, на хартија, декларативно, како Македонци се изјасниле 5.680 граѓани, државјани на Бугарија, во 2001 година тој број е 1.280.

*Како го толкувате именувањето на проф.Бучковски за специјален пратеник?

-Мене тоа ми е недефинирана позиција, со недефинирани овластувања. Нашиот правен систем подразбира делегирање на луѓе за извршување на одредени функции и ако е тоа во насока на оние прашања, кои одат во прилог на нашата државничка позиција за не преговарање за идентиет и јазик, туку и за други точки од Договорот, можам да разберам. Иако, сметам дека нивото амбасадор е порелевантна позиција за овие билетарелни односи, отколку било каков специјален претстваник. Дотолку повеќе што е потребно легитимирање и озаконување на одлуките, што би се носеле и што би се преземале и предавале како должности на самиот проф. Бучковски. Јас не се сомневам во неговите професионални капацитети, но не сум сигурна дека секој правник ги познави до детали овие прашања за кои има специјализирани трудови. И затоа, во тој контекст беше и препораката да се прочитаат овие факти и да се знае на кои аргументи отсекогаш реагирала бугарската политика против Македонија и Македонците, за да се знае, нели, и да се гради нашата позиција. Секој труд е добредојден. Нашата историска комисија својата позиција во преговорите ја темели врз основа на научни, проверливи податоци. Тоа значи дека и овие преговори треба да бидат темелени на научни и признаени факти.

*Проф. Бучковски во Софија призна дека е изгубена меѓусебната доверба. На што, според Вас, се должи тоа?

-Јас не би брзала со тие заклучоци, затоа што знам дека секогаш кога имате десничарски влади, во земји кои имаат билетарелани спорови, тие секогаш успеваат во јавноста да ја протнат онаа националистичка слика, која што сакаат да ја голтне публиката или електоратот. Уверена сум дека не сите државјани на Република Бугарија се против Македонија и против Македонците. Напротив, јас имав многу искуства со комуникација со многу пратеници во групата за соработка со Бугарија, кои себеси се декларираат како Македонци. Мислам дека прашањето и перцепцијата за губење или не губење на доверба се пласира како пропагнда и кај нас и кај нив.

*Но, зошто ако заложбите се за вистинско добрососедство?

-Довербата е двострано чувство, двострана тенденција и во меѓучовечките, а да не зборувам за меѓудржавните односи. Кога зборуваме за доверба, мислиме на заедничката цел. Ако заедничката цел и на Договорот со Бугарија беше градење на пријателство и за помош на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, изневерувањето на ова очекување од страна на Бугарија со ова условување, за нас сигнализира дека не се почитува примарниот дух на договорот. А, тоа е пријателството и отворање на европската иднина за нашата земја.

*Велите условување, а не вето?

-Секако дека Бугарија го искористи нејзиното право во структурите на ЕУ, во технологијата на носење на одлуките, да си го искористи правото да не биде донесена одлуката со консензус, затоа што таму секоја држава има право да приговори за нешто. И оттука и Бугарија го искористи своето право и не го даде својот глас за едногласно одлучување за прифаќање на преговарачката рамка. Сметам дека овие услови, кои ги поставува Бугарија, не можат да бидат дел од преговарачката рамка, затоа што се прашања за кои државата не може да преговара во смисла на тоа дека тоа е индивидуално право на секој граѓанин и не може државата да се јави како застапник на нечие чувство на државјанин на Република Бугарија, којшто себеси се чувствува како Македонец или обратно. Но, тоа исто така, пак, и не значи дека државата во кое живее такво малцинство не треба да ги има правата и слободите да се декларира себеси така како што се чувствува. Секоја демократска земја на граѓаните им дава право и можност да се декларираат како се чувствуваат. Правото на национално определување го вклучува и правото национално да не се определиш. Кога ќе имаме попис ние како граѓани, во графата за национална припадност можете да се одлучите да се определите, а можете да се одлучите и да не се определите. Тоа многу добро го знаат професорите по Уставно право и сите овие експерти, кои заговараат дека некој ќе се откаже, не може да се откаже ако се знае дека правото на национално определување е загарантирано.

*Постои ли и каде ќе ја лоцирате одговорноста за ситуацијата во која се најдовме во моментов?

-За лоцирање на одговорност во овој момент не можам да зборувам, затоа што сметам дека одговорноста не е на наша страна. Ова го кажувам најодговорно, зашто комисијата за утврдување на историските факти не е носечката позиција или носечкото тело во овие билатерални договори, кое може да откочи или да закочи одреден процес. Ова повеќе го лоцирам како едно избрзано условување од Бугарија пред почетокот на преговорите и усвојувањето на преговарачката рамка. Добро е што условите на кои инсистираше Бугарија, не влегоа во преговарачката рамка, зашто и ЕУ не смее да си дозволи надвор од критериумите и преговарачките рамки за другите земји-членки, што воделе или водат преговори, да именува други критериуми и да приложува други услови. Зашто, тогаш комплетно се нарушува процесот на едни веќе утврдени критериуми за членство. Повеќе би кажала дека лоцирањето на одговорноста е во државниот врв на Бугарија, којшто во моментов води предизборна кампања токму на оваа националистичка реторика и создава чувство на непријателство. Знаете, ние многу често слушаме коментари од бугарските медиуми и од политичари дека не може да се навредува Бугарија за одредени историски факти, меѓутоа ние и во Уставот имаме обврска да си ја штитиме нашата посебност, достоинството на нашата земја и на нашиот народ.

*Сега, Бугарија за време на Втората светска војна била окупатор или администратор?

-Мојата домашна библиотека и сите прочитани книги и докторатот не кажуваат дека Бугарија администрирала. Напротив, има историски моменти и факти дека Бугарија се вклучува на крајот, веќе пред капитулацијата на Германија и пред влезот на Црвената армија во Бугарија, кога нели и нашиот Колишевски го вадат од бугарските зандани. Тоа е еден многу мал период на прво приклучување на Бугарија кон народноослободителната војна, што е мислам непотребно да се нотира. Зашто, целиот тој историски период кажува дека соработката на таа линија на фашизам постоела и била многу очигледна. Јас и за тоа напишав дека Германија по Втората светска војна помина низ еден многу сериозен период на денацификација. Дури и во Повелбата на ОН ќе најдете два члена во кои стои дека како непријателски земји на членки на ОН се сметаат сите земји членки, кои за време на Втората светска војна биле против антифашистичката војна. Тука се вбројуваше Германија и сите поддржувачи на Германија. Тоа е сега депласиран член, зашто Германија помина низ тој процес на денацификација, го прифати своето историско наследство, ја научи лекцијата, со други зборови кажано се лустрираше, и влезе како земја членка на ОН. Но, се уште не е постојана членка на Советот за безбедност на ОН, иако заслужува респектабилно место, токму заради овие процеси, што ги водеше. По падот на Берлинскиот ѕид 91 година, Германија помина низ процес на „дештазилинација“ и соочувањето со ѕверставата на таа безбедносна служба ја доведе Германија да биде посилна во осудите на своето минато и да не ги сфаќа лично. Напротив, вие гледате оваа година Меркел влезе во Аушвиц, што беше незамисливо во периодот по Втората светска војна. Но, сега е нормално. Затоа не треба земјите да се плашат од своето минато, туку треба да извлечат лекција, да го прифатат тоа како факт, за да можат и понатаму да ги градат односите со заедниците.

*Мислам дека Бугарија е чекор понапред во таа декомунизација или „дештазилинација“?

-Не би рекла.

*Каде сме ние од тој аспект, затоа што една од бугарските забелешки е токму тоа-декомунизација на општеството?

-Ние имавме шанса тоа да го направиме. Кога Бугарија го спомнува ова во контекстот на Република Македонија мисли на прифаќањето на резолуциите за осуда на комунизмот и на фашизмот. Ние имавме една шанса преку процесот на лустрација да кажеме низ што минуваше Германија по падот на Берлинскиот ѕид и Штази службата, меѓутоа мислам дека ние направивме една бурлеска од процесот на лустрација за кој што сега и пред Кривичен се води некоја постапка за нарачките кој требало и како требало да се лустрира. Ако се мисли од откажување од еден период на, да кажеме, живот во заедница со другите федерални членки на поранешна Југославија, тогаш тоа сигурно не подразбира и откажување од период во кој што Република Македонија поствоено ја градела својата државност. Но, ако мислиме за политички реперкусии, кои ги имале политички неистомисленици, тоа впрочем постои и денес како процес, иако не е врамено во комунизмот, не би рекла дека тоа можеме до крај да го истражиме апропо седиштето на целокупните архиви, кои се во сојузните министерства, што биле лоцирани во Белград.

*Не би сакал да спорам со Вас околу процесот на лустрација, затоа што сум бил дел од тоа, меѓутоа, во таа декомунизација на општеството кај нас како да не се прави разлика меѓу поимите југословенство, комунизам и просрпска ориентација во Македонија?

-Ориентација или епитет про можеме денес да додадеме буквално во секаков контекст. Она што јас мислам дека Бугарија сака да постигне со нотирањето на тоа наше, условно, несправување со комунистичките корени од минатото, е фактички патот на нашата самонегација. Во која смисла го кажувам ова. Ако го земете, во докторатот многу добро го анализирам тој период 45-48 година, пред Информбирото, кога се поделила оската меѓу Сталин и Тито и кога почнала буквално целокупната игнорантска политика кон Титовите подржувачи или обратно, борбата против Сталинистичките приврзаници во тогашна Југославија, ќе видите дека токму во тој период, пред Информбирото, сите соседни земји, и Република Грција, и Република Бугарија, на ниво на таа партиска координација меѓу комунистичките партии, го признаваат постоењето на македонскиот народ, на македонскиот јазик и постоењето на македонското малцинство во Грција и во Бугарија. Ако кажеме дека ние се откажуваме од тој период, и сега ќе го осудиме, ние ќе кажеме дека го осудуваме моментот кога нивните власти ги признале фактите, кои ние сега ги браниме во билатералните односи.

*Меѓутоа, не можеме да кажеме дека дури и пред завршувањето на војната, без никакви судења, без никакви процеси, има масовни елиминации во Македонија?

-Јас не ги исклучувама тие периоди, но тие периоди се прашања за други области и свери. Не можат да се стават во контекст на билатералниот спор со Бугарија. Бидејќи цело време зборуваме за тој контекст за билатерални односи Македонија-Бугарија и бугарското инсистирање за откажување од тој период, јас не мислам дека бугарското инсистирање е да ги заштити промакедонските структури, кои што делувале во времето на Југославија и биле носени на голи отоци.

*Не како промакедонски, туку како пробугарски?

-Не би се согласила. Мислам дека тоа е комплетно паушално тврдење и дека е индиректно водење и индиректно насочување кон  самонегација и не признавње на фактот дека и тие во тој временски период, нивните влади признале и македонски јазик, македонско малцинство и македонски идентитет.