Седми ден кампања, кандидатите за претседател продолжуваат со средби со граѓаните, митинзи и трибини. Канидатката за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“денеска ќе биде на митинг во Радовиш и Струмица.

Стево Пендаровски, кандидатот поддржан од СДСМ и ДУИ ќе има трибини со граѓани во општина Чаир , граѓанска трибина во Кисела Вода и трибина со граѓани во општина Карпош.

Кандидатот за претседател на државата поддржан од Алијансата на Албанците и БЕСА, Блерим Река на средба со граѓаните на Куманово.

Силјановска Давкова на вчерашниот митинг во Куманово побара поддршка од граѓаните, ветувајќи им дека, таа ќе докаже оти е од народот и за народот.

„Мојот кабинет ќе го сочинуваат луѓе кои ќе имаат искуство и знаење и кои ќе бидат професионалци во својата област. Секогаш кога пред мене на маса ќе се најде Закон што по консултации со тие експерти околу мене ќе заклучиме дека го крши Уставот, нема да го потпишам, ќе ставам вето, но ќе побарам заради граѓаните, заради вас да го образложам пред пратениците, оти имам право на обраќање, па нека процени народот дали се моите аргументи во ред или на оние кои заради послушноста не сакаат да го разгледаат уште еднаш или да го вратат на доработка. Тогаш јас ќе докажам дека сум од народот и за народот“, рече Силјановска.

Пендаровски пак  на митингот во Битола рече дека е време за вистинска реализација на слоганот од шарената револуција.

„Основната парола на шарената револуција, на тој широк народен отпор кон диктатурата беше „Нема правда, нема мир!“. Како претседател на сите граѓани имам намера тоа да го почитувам до крај, а тоа значи дека тој слоган конечно ќе биде реализиран и имплементиран без резерва“, рече Пендаровски.

Река вчера беше во Струга. Тој вети дека ако биде избран за претседател ќе се бори за една република на рамноправни граѓани, за една република во која владее законот, а не поединецот и за една република која не трпи политизирано судство, непотизирана јавна администрација и сигурно нема да трпи политички пазари на партиите за да се укине Специјалното јавно обвинителство.