Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска го посетија РЕК Битола, каде со менаџментот на Комбинатот разговараа за активностите коишто обезбедуваат намалување на трошоците за производство, а зголемување на количеството произведена струја.
„Изминатава година многумина создаваа паника кај нашата јавност дека либерализацијата на пазарот со електрична енергија ќе значи зголемување на цената на струјата којашто ја плаќаат граѓаните и индустријата. Тврдевме дека тоа не е точно и со последните одлуки и на Владата и на Регулаторната комисија се покажа дека со домаќинско работење можно е да постигнете тројна цел: задржување на цената на електричната енергија, зголемување на производството на електрична енергија за сметка на поранешниот увоз и воведување на евтината тарифа на струјата. Притоа, сите овие три работи беа возможни само ако домаќински и професионално се работеше во електраните, а особено во клучната електрана којашто го носи целото производството во нашата држава, а тоа е РЕК Битола. Еден дел од парите коишто останаа, сега можеме да ги инвестираме во еколошки проекти. Оваа година веќе, во РЕК Битола започната е постапката за реконструкција на електростатските филтри на комбинатот рече Шекеринска.
Директорот на РЕК, Васко Ковачевски, изјави дека завршила првата фаза од јавната набавка за реконструкција на електростатските филтри на која се пријавиле девет компании.
„Од нив, седум продолжуваат во следната фаза. Сакаме да потенцираме дека се работи за сложен проект во секоја смисла, финансиски тежок над 20 милиони евра, во чија реализација не сакаме да ги направиме грешките од минатото, како при модернизацијата на котлите, на пример“, рече Ковачевски.
Инаку, ремонтот на Блок 1 и Блок 3 е завршен, а од 15 август до 15 ноември следува капитален ремонт на Блок 2.
Comments are closed for this post.