Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, денес на прес-конференција посветена на скандалот со набавка на специјална опрема за навигација за М-НАВ, им се извини „на сите што се чувствуваат навредени“, а за кои тој изнесе погрдни зборови од тоа што се слуша на една аудио снимка. Со тоа Рашковски индиректно потврди дека снимката е автентична, иако за време на прес-конференцијата за еден дел од разговорите одговараше потврдно,, а за други негативно, односно сметаше дека некои прашања не заслужуваат одговори. Притоа тој опозициската ВМРО-ДПМНЕ и некои новинари ги обвини за ширење лажни вести, и најави повеќе тужби.

Им се извинувам до небо на сите што се чувствуваат навредени, кон Италија, кон ромската заедница“, рече Рашковски.

На обвинувањата од новинарите дека е расист, а тие се повикуваат на транскриптот каде Рашковски наводно вели дека „Италијанците се како Цигани“,  и дали заради тоа ќе си поднесе оставка, Рашковски не сакаше да даде коментар. Исто така тој негираше каква било вина околу тендерот кој го доби италијанската компанија „Леонардо“ и за некаква вина прстот го посочи кон претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Живко Поповски. Притоа тој неколкупати потенцираше дека Поповски е татко на поранешниот министер за надворешни работи, а сега пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Поповски.

Тужби против новинари и партии

По објавената аудио снимка и транскриптот  на Експрес.мк,  на која се слуша и гласот на Рашковски, при што тој вели дека тендерот ќе го добие „Леонардо“ и дека е нормално некој од тендер да заработи 10-15 проценти, генералниот секретар на Владата најави кривична пријава против Климент Чепуњовски, за кого рече дека го снимал разговорот од состанокот со претставници на Леонардо.

Чепуњовски, како што кажа Рашковски, бил разрешен од функцијата директор на техника во М-НАВ во март годинава поради неовластено тонско снимање, односно поради безбедносни закани.

Рашковски најави и тужби за клевета против Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, како и против новинарите Горан Момировски, Љупчо Златев, Љупчо Палевски, ленко Неделковски, Ирена Радовановиќ, Ваљон Беља и партијата Беса и против партијата Левица.

Арбитражна постапка, како што кажа Рашковски, ќе биде поднесена против порталите „Курир“, „Експрес“, „Инфомакс“ и „Лидер“.

Рашковски на денешната прес-конференција повеќе од половина час преку презентација и слајдови ги убедуваше новинарите дека опозицијата и дел од медиумите кои ја објавија снимката шират лажни вести. Тој потврди дека гласот на снимката е негов и додаде дека е несериозно да се објават само 15-тина минути од разговорот којшто траел околу еден час.

Тој додаде дека во верзијата на аудио-разговорот има тотално елементарно непознавање на процедурите на Европската банка за обнова и развој и дека на 28 ноември 2018 кога требало да биде постигнат договорот со „Леонардо“, но Климент Чепуњовски не сакал да го потпише договорот.

Потпишан е на 14 декември од Живко Поповски, претседателот на Управниот одбор. Тој ја донесе одлуката. Значи од минатата власт од нивен член, а не од Драги Рашковски“, вели владиниот генерален секретар.