Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ по денешната посета на општина Демир Хисар, одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира информациите во медиумите дека владините функционери Драги Рашковски и Љупчо Николовски заминале на одмор во Мексико и Дубаи, рече дека додека државата и народот тонат во сиромаштија високи владини функционери се луксузираат, посочувајќи дека ова е показател дека во Македонија има криза само за народот, но не и за владините функционери кои што прават луксузни одмори кои што чинат по десетици илјади евра.

– Мислам дека ваквиот однос на владини функционери кога државата и народот се соочуваат со пандемија, затворен во полициски час, се борат со здравствени ризици и со сиромаштија, некој да прави вакви скапи одмори и да се луксузира во Мексико и во Дубаи е нечесно кон народот, и на крајот од краиштата владата која што бараше воведување на кризна состојба се гледа дека криза има само за народот, а нема криза за владините функционери кои што прават луксузни одмори кои што чинат по десетици илјади евра. Затоа сметам дека ваквото однесување на власта е понижувачко за луѓето кои што гласале и сметам дека треба да си понесат политичка и морална одговорност, во најмала рака со понудување на оставка, изјави пратеникот Милошоски.