Даниела Рангелова поднесе оставка на функцијата претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.Причините за оставката таа ги образложи на Фејсбук.
„Почитувани членки на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, најпрво сакам Вас да Ве информирам дека и покрај предлогот на претседателот Христијан Мицкоски да останам да ја водам Унијата на жени до крајот на мојот мандат, што изминува за една година, јас сепак донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка на функцијата претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Оставката ја поднесувам поради очигледните несогласувања со политиките на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Јас не можам да прифатам да бидам дел од ова раководство на ВМРО кое ја однесе партијата во изолација, кое со своите политики базирани на неискреност, сплеткарење и продуцирање на кавги помеѓу нас внатре во партијата, успеа по принципот раздели па владеј, дополнително да го подели македонското национално ткиво и да внесе неприфатливо ниво на омраза меѓу Македонците, но и меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Не, јас не можам да прифатам да бидал дел од расипани, токсични игри водени од амбицијата да се нахранат неколку суети.
Да имаш амбиција е позитивно, но да бидеш спремен да газиш преку живи луѓе само за да си го задоволиш сопственото его и желбата за моќ, за мене е неприфатливо.
Почитувани членки на Унијата на жени,
Моето срце и душа секогаш ќе остане со Вас, искрените и храбри членки на Унијата на жени, жени лидери со кои донесовме многу победи за партијата и со кои придонесувавме за подобро општество. Наметнавме позитивни стандарди во политиката, докажавме дека жените можат да водат и креираат политики. Заедно ја издигнавме Унијата на жени многу високо. Ние жените сме докажале многу пати дека сме храбри и посветени, дека знаеме да се бориме и избориме. Ќе успееме и сега! И ова ќе помине. Да живее ВМРО-ДПМНЕ!Да живее Македонија!“, пишува Рангелова на Фејсбук
Comments are closed for this post.