Работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ утре најверојатно ќе ги продложат преговорите за Законот за јавно обвинителство. Доколку има напредок, не се исклучува можност на нова лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Очекувањата за договор не се големи ако се знааат ставовите на двете страни.

Mицкоски во интервјуто за МИА нагласи дека има впечаток оти власта не сака договор и оти намерата е целата постапка да се одолговлекува. Според него, колку подолго ќе трае процесот на преговори за јавното обвинителство толку можеби некои реминисценции на некои минати стари теми, кои можеби не беа поволни за ВМРО-ДПМНЕ ќе останат присутни во јавноста и практично на тој начин ќе му конкурира на случајот Рекет.

Втората стратешка причина е чипираното судство и обвинителство кое денеска е во Македонија и практично сето она кое што ќе го нарачаат СДСМ, Зоран Заев, министерката Дескоска, но кое што ќе произлезе како резултат на оние неформални средби што адвокатскиот тим на Зоран Заев ги има со државниот јавен обвинител Јовески, овие практично тоа го реализираат-вели Мицкоски.

Заев смета дека работните групи не се далеку од постигнување договор за законот за јавно обвинителство, потребно е да се вложат повеќе напори и како што рече „да се надминеме себеси“.

Верувам дека можеме да направиме напори, навистина не сме многу далеку, само треба да се надминеме себеси посебно во услови кога еве предметите се обезбедени и имаат своја иднина.Штом работните групи ќе го дадат сигналот до мене и г. Мицкоски и ние да седнеме да го договориме овој закон за јавното обвинителство-објасни Заев.