Министерството за здравство денеска соопшти дека е пуштена за користење онлајн – платформата kovid19vakcinacija.mk на која граѓаните може да се информираат за вакцините, процесот и фазите на вакцинација.

Според соопштението, тука се наоѓаат одговорите на најчесто поставуваните прашања во однос на вакцинацијата, а преку оваа страница може да се пристапи кон апликацијата за искажување заинтересираност за вакцинација против Ковид-19 vakcinacija.mk.

Односно, тука може да се најде се, освен кога ќе добиеме вакцини за масовна вакцинација, иако изминува третиот месец откако таа започна во земјите во ЕУ, Британија, Израел, САД, Русија…

Согласно податоците од онлајн – платформата, вакцина против ковид-19 примиле 5.245 здравствени работници, со вакцините на „Фајзер“ што ги добивме од Србија, и оние 3.000 руски вакцини, а за вакцинација се пријавиле вкупно 138 457 граѓани.