Владејачката партија ДУИ вчера во Липково ја започна постапката за избор на кандидати за градоначалници, но и за советници на локалните избори, а лидерот Али Ахмети најави име кое ќе биде „големо изненадување“ на 5 јуни.

Шпекулациите одат до таму дека в сабота, кога ќе се прославува роденденот на ДУИ, за градоначалник на Скопје заедно со СДСМ ќе биде номиниран кандидат Албанец.

„На 5 јуни, повторно, нашето семејство ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за „првиот албански премиер“, најави вчера Ахмети во Липково.

Во прилог на ова одат и поставените билборди изминатиот период со зелена боја на кои пишува „Нешто големо доаѓа“. Оваа идеја и кампања се слични во мотивите со онаа пред ланските парламентарни избори во јули, кога ДУИ бараше прв премиер Албанец.

Инаку Еркан Арифи, актуелниот градоначалник на Липково, најверојатно ќе биде кандидат за уште еден мандат на чело на оваа општина.