Откако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги кажаа условите за избори, повторно станаа актуелна  т.н Пржинска влада и сето она што се случуваше во 2015 година. Тој договор што беше постигнат за да стави крај на политичката криза која траеше речиси две години.

Под покровителство на ЕУ и САД , тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев, премиерот Никола Груевски и лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи потпишаа договор кој содржеше неколку главни точки.

Изборите, кои и тогаш беа предвремени беа закажани за 24 април 2016 година. Според договореното , премиерот Никола Груевски се повлече на почетокот на годината, односно на сто дена пред изборите и на негово место седна Емил Димитриев.

СДСМ како опозиција доби министер за внатрешни работи и  за труд и социјална политика, а за прв пат се воведе и функцијата дополнителен заменик министер.

Но иако закажани за април изборите  не се одржаа под изговор дека Избирачкиот список не е прочистен па се најде нов термин на 5 јуни. Но избори немаше ни тогаш иако ВМРО-ДПМНЕ ги објави дури и носителите на листите. Тогаш ЕУ имаше став дека избори без опозиција не се во духот на европските вредности и се заканија дека нема да ги признаат.

Сега имаме сосема спротивна ситуација.СДСМ како владејачка партија вели дека во случај да има избори Пржинската влада би траела помалку од сто дена.Се повикуваа на Уставот кој во случај на распуштање на Собранието изборите мора да се одржат за најдоцна 60 дена.

Со измените на Законот за Влада кои се донесоа неодамна, се предвидува 100 дена пред денот на одржување на изборите оставка на претседателот на Владата и  избор нова, преодна Влада на чие чело треба да биде кадар на партијата која мнозинство, во случајот СДСМ.

По состанокот на Централниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ е јасно дека опозициската партија нема да отстапи од својот став за одење на избори, посебно од тоа дека Заев треба да се повлече на сто дена пред изборите и дека мора да се формира Пржинска влада по истиот формат што важеше и за СДСМ.

Политикологот Петар Арсовски во изјава за Пресинг Тв  вели дека во пржинскиот формат кога се зборува за сто дена техничка влада се зборува за редовни избори.Тој е дециден дека Заев ќе даде оставка во оној момент кога ќе се распишат изборите.

 

Но, Солза Грчева од „Глас за Македонија“ нагласува дека Изборниот законик е јасен оти сто дена пред избори треба да имаме техничка влада.

Тоа го бараше токму сегашната власт а сегашна опозиција.Сега се брзаат поради уставните измени кои мораат да се направат до 28 декември.Не сте способен политичар ако имаме само една опција како што рече Заев-вели Грчева за Пресинг Тв .