Старува со работа оперативно техничката агенција.

Од денеска и официјално почнува да работи со полн капацитет, инфомираа денеска на заедничка прес-конференција вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на ОТА, Зоран Ангеловски.

Министерот Спасовски уверува дека нема повеќе да се злоупотребува системот за прислушување.

„Во минатото многу се зборуваше и беа нотирани забелешки, беше злоупотребен системот. Клучните забелешки од експертската мисија на ПРИБЕ се отсранети. МВР, односно УБК немаат директен пристап до опремата за следење на комуникациите. МВР, односно Управата немаат податоици за ПИМ мерки, кои се на барање на другите органи, немаат никаков пристап до содржината на следената комуникацијата, освен за оние мерки кои се на барање на Управата и со одобрение од судот“, појасни Спасовски.

Со уверувања дека нема потреба од страв оти се прислушкува и првиот човек на ОТА, Ангеловски.

„Ве уверувам дека не постои ниту теоретска, ниту практична можност за злоупотреба на механизмите за ПИМ мерките. Одговорно тврдам дека нема да се повторат претходните афери со прислушувањето и  таканаречените бомбите“, вели екс разузнавачот.

Министерот Спасовски посочи дека контролата врз работата на Агенцијата ќе може да биде извршена во секое време од собраниска комисија. Работата на ОТА ќе ја контролираат и  граѓански организации и експерти .

Директорот Ангеловски тврди дека ОТА е професионална агенција, целосно независно тело. Во моментот располага со технички кадар преземени од  МВР односно четири лица од Бирото за јавна безбедност и тројца од Управата за безбедност и контраразузнавање. Дали има гаранција дека овие лица немаат никаква поврзаност со скандалот со прислушувањето Ангеловски вели:

„Никој не е вмешан во она што се случувало порано во УБК , дури беше консултиран и СЈО, но немаат поврзаност со афетата и јас гарантирам за нив. Тие лица се лично мој избор“.

Најави дека останатите вработени ќе бидат преку објавен конкурс.

„Според законската регулатива во ОТА не очекувам вработувања пред јануари. Со овие седум луѓе ќе се обидеме да функционираме и ќе го транзитираме овој период. ОТА е максимално добро поставена, системот е тестиран и се работи како што треба. Одговорно тврдам дека прислушување нема и нема да има.“

Според него, согласно направената систематизација бројот на вработени треба да биде околу 25 лица.

Седиштето на ОТА  е во Телеком  поради технички причини – оптичкиот кабел, а ОТА законски ќе ја врши контролата и врз операторите.

КОЈ Е АНГЕЛОВСКИ?

Власта и опозицијата се договорија и на 4-ти септември го изгласаа Зоран Ангеловски за прв човек на Оперативно техничката агенција која според најавите треба да стартува со работа во  ноември и ќе биде задолжена за прислушкување на граѓаните.

Ангеловски е поранешен разузнавач во управата бил од 1998 година па се до 2005, каде ја вршел функцијата главен инспектор за тероризам, во Дирекцијата за оперативни работи и раководител за стратегиски истражувања.

Работел и во Т-мобиле како директор за корпоративна безбедност.

Избран беше во конкуренција на 14-мина  кои се пријавија на јавниот оглас за функцијата директор на ОТА.

Меѓу нив беше и поранешниот контраразузнавач Ѓорѓи Лазаревски кој ги предаде прислушкуваните разговори на СДСМ.

КОЈ ЌЕ ЈА ВРШИ КОНТРОЛАТА?

Со законските измени предвидено е зајакнување на контролниот механизам на следењето на комункациите. Дури и еден член на собраниската комисија, да побара да изврши контрола, таа ќе може да се направи и без претходна најава.

Пратениците и натаму ќе ја вршат контролата врз прислушувањето, преку собраниската комисија, составена од четири члена (двајца од мнозинството и двајца од опозицијата) и претседател од редовите на најголемата опозициска партија во Парламентот. Ќе може да вршат надзор без најава.

Во контролата се вклучени и Народниот правобранител, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Дирекцијата за лични податоци.

Новина е Советот за граѓанска контрола, што дополнително треба да биде формиран. Советот за граѓански надзор, што е една од новините, ќе биде составен од претседател и шест члена, а сите ќе ги избира Собранието. Нивниот мандат ќе биде три години, а и тие ќе треба да поднесуваат годишен извештај за сработеното до Парламентот.

Овој Совет ќе постапува врз основа на барања на граѓани и фирми кои забележале незаконско постапување, односно злоупотреба на ПИ мерките.