По инцидентот во кој битолчани од ромската заедница беа тепани од полициски службеници откако направиле сообраќајка, на социјалните мрежи се најавуваат два протеста – еден против полициската бруталност, друг за поддршка на полицајците.

Протестот против полициското насилство е најавен за утре напладне, а граѓаните ќе се движат од Главната пошта во Битола до седиштето на битолската полиција. Него го организаира иницијативата „Аваја“ заедно со здруженијата, „Ромалитико“, „Романо Авази“, „Ромаверзита“, „Баирска Светлина“, „Сумнал“, „Ромско Јато“.

На социјалните мрежи се најавува и протест за поддршка на полицајците.

Тој е најавен за во среда, а ќе се бара повлекување на кривичните пријави и дисциплински постапки против полициските службеници, кои како што стои во повикот, биле нападнати и неправилно суспендирани. Најавено е дека демонстрантите ќе се движат по Широк Сокак, а протестот ќе заврши пред СВР Битола и Јавното обвинителство.

Откако случајот беше објавен на социјалните мрежи, МВР преку Одделот за внатрешна контрола поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал против еден од полициските службеници поради физичко насилство.  Против него е покрената и дисциплинска постапка и суспензија од работа.

И против неговиот колега кој го гледаше тепањето е покрената дисциплинска постапка и е суспендиран од работното место затоа што не презел ништо.