Проширувањето нема да биде на агендата на неформалниот самит во Берлин, и нема да се разговара за преговорите со Македонија, тема за која нема за сега промена во ставовите на Франција, велат за МИА високи извори во Елисејската палата.

И покрај одредени сигнали дека Париз би можел да омекне по прашањето за преговорите со Македонија после европските избори, од владини извори во Париз на брифинг со новинарите во пресрет на самитот во Берлин, пристигнаа поумерени тонови.

Преговорите со Македонија и Албанија нема да бидат на дневен ред, и нема за тоа да се разговара во Берлин, нагласуваат од француската влада во најава на средбата во Берлин и додаваат дека ова не е на дневен ред за сега ниту во Советот на ЕУ.

На прашање на МИА дали можат да ги потврдат гласините дека Париз бил подготвен да се согласи со одвојување од Македонија и Албанија за старт на преговорите со ЕУ во јуни за да се олесни процесот за Македонија, од Елисејската палата велат дека „нема никаква одлука од таков вид во Франција, не е тоа на дневен ред и не ни е поставено такво прашање“.

Самитот во Берлин, кој ќе се одржи в понеделник попладне, е француско-германска иницијатива.

Освен домаќините, Ангела Меркел и Емануел Макрон, поканети се сите премиери од земјите од регионот, вклучително и премиерите на Хрватска и Словенија, како и српскиот и косовскиот претседател, и високата претставничка за надворешната политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Според последните информации, на состанокот нема да учествува еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, со што јасно се укажува дека оваа политика нема да биде на дневен ред во Берлин.