Професорката Гордана Силјановска Давкова, која преку опозициската ВМРО-ДПМНЕ се кандидира за надпартиски кандидат за претстојните претседателски избори, на својот ФБ профил се јави со порака-одговар на обвинувањата на социјалните мрежи испратени на нејзина адреса. Таа ги почна средбите со членството на ВМРО-ДПМНЕ по општинските комитети. Главните обвинувања се проследени со етикетирања од типот „шарена“, во смисла на учесник во „Шарената револуција“ и „дволична“, зашто била член на влада предводена од владејачкиот СДСМ. Покрај ФБ пораката, на нејзиниот јутуб канал се поставени и видеа за нејзините настапи во кои одговара на прашањата, меѓу другото, за „учеството“ во „револуцијата“ и зошто е против бојкот на претседателските избори.
Во ФБ статусот, проф.Силјановска пишува:
Бидејќи вчера едни ме напаѓаа дека сум била “шарена”, а други дека сум “дволична”, зашто сум протестирала против ВМРО, а сега барам поддршка од нив, во видеото ќе чуете дека вистината е сосема друга.
Нема да дозволам да создаваат лажна претстава за мене. Јас сум човек од науката. Моите аргументи се основани и со мојот интегритет и независност сум зела активно учество во креирање јавни политики.
Сега се одлучувам да земам активно учество во носење одлуки повторно достоинствено, засновано на докази и со целиот свој интегритет, знаење, искуство и независност!
Ве повикувам да се обединиме околу тие вредности!
За проф.Силјановска нема по погубна теза од таа за бојкот на претседателските избори и објаснува зашто:
Тоа ќе доведе до парализа на државата и мислам дека е тоа опасна работа. Инаку, ги разбирам луѓето, кои ја застапуваат. Зошто ги разбирам? Бидејќи тие, веројатно, мислат дека со тоа ќе оневозможат уште едни нерегуларни избори, уште едно полнење на кутии, бидејќи ние и во загаден воздух и во гласање влеговме во сите политички книги за политички науки, сите рекорди за изборно право ги срушивме, без ниедна поведена постапка. Затоа, исто така, мислам дека треба сите критички да се однесуваме кон една бенигна теза дека тоа е најдобро во тој случај. Се плашам дека веднаш ќе посегнат кон промена на Уставот, имаат двотретинско мнозинство, за да го сменат начинот на избор на претседател и тоа да се прави во парламентот.
Comments are closed for this post.