Ние не можеме да бидеме заложници на некој што сака. Очигледно, Бугарија моментно се обидува да не уценува. Дали ние ќе бидеме жртва на уцена, тоа е наша работа. Меѓутоа, еве јас како историчар најодговорно тврдам дека нема апсолутно никаква потреба и никаква наша обврска ние да прифатиме нечија уцена. Знаете, има држави во кои уценувањето се казнува многу построго и од убиство.

Ова во интервју за „Република“ го вели проф.д-р Катерина Тодороска, од Институтот за национална историја, која важи за исклучителен познавач на македонската историја, чија специјалност се македонско-албанските односи во историски контекст, но пред се е бескомпромисен борец во борбата против доминацијата на политиката во историската наука. Разговорот со проф.Тодороска го водевме спроти чествувањето на 120-годишнината од погибијата на македонската револуционерна икона Гоце Делчев.

-Тоа што јас сакам да го кажам е дека Гоце Делчев не може да се слави заеднички. Тие можат да повелат кога сакаат како гости да го посетат неговиот гроб, може да направиме и заеднички конференции, може да работиме се, меѓутоа Гоце Делчев нема ништо со Бугарија и нема ништо со Бугарите. Така што, тој обид нам да ни се наметне нешто што апсолутно не одговара на историската вистина  ќе биде само еден показ дека ние не си ги почитуваме и не си ги цениме нашите научници, односно науката, која што 75 години во Македонија има многу сериозна и обемна продукција и ќе значи тоа дека секогаш ќе се однесуваме како вазали, притоа немајќи зошто да се однесуваме така, вели Тодороска.

За тоа што се смени во последните три месеци, од 4 февруари кога во тензична атмосфера и со силни безбедносни мерки се чествуваше роденденот на македонскиот великан, проф.Тодороска е децидна:

-Бугарите сфатија дека настапуваат премногу агресивно некаде каде што воопшто немаат никаква потреба. Тоа е првата работа. Второ е што македонскиот народ веќе не толерира никој да му наметнува, никој да го малтретира со некои ставови за кои нема потреба да се дискутира. Значи, не е дискутабилно дека Гоце Делчев е роден во географска, во етничка Македонија, не е спорно дека тој се борел за Македонија како самостојна држава, никогаш не се борел за Бугарија за да го сметаме за Бугарин. Сето тоа почнува толку многу да излегува на површина со самото тоа што бугарската политика веќе внесе толку зла крв меѓу народот, нешто што никогаш го немало меѓу обичниот граѓанин, да речеме меѓу Македонците и Бугарите. Така што мислам дека се сецнаа и сфатија дека секоја понатамошна нивна агресивност ќе донесе само непријатности за бугарската држава. Ако видите дека Бугарија е таа која што има 17 судски пресуди од еминентни европски судови за признавање на македонското малцинство во Бугарија, тие сфтија дека веќе таму нема игра. Не можете вие, напаѓајќи го другиот, да добиете нешто. А, зошто го напаѓате? Затоа што немате нешто свое и се обидувате на другиот да му го одземете она што е негово. Така што мислам дека тие сфатија дека претераа, дека ја прекардашија целата работа. Историјата си го кажува своето и си стои на тоа дека е прифатлива само документацијата која што се интерпретира точно во времето кога е создадена, во времето во кое што се живеело и токму и затоа вие треба науката да ја гледате како многу сериозна, како наука одалечена од дневно-политичките случувања.

А, за тоа дали очекува да се повторат сликите од февруари, таа уште додава:

-Не гледам никаква причина такви фанфари или такви исполитизирани ликови, кои преку некакви фондации сакаат да се прикажат како големи почитувачи на Гоце Делчев да доаѓаат овде со закани. Значи, кај Гоце Делчев кој светот го разбирал како поле за културен натпревар, вие доаѓате овдека со закани! Не ви личи! Тоа значи дека вие навистина не го познавате Гоце Делчев, не знаете што тој работел, не знаете за што се борел и вие доѓате овдека и ни покажувате некаква сила! Кому му покажувате сила?! На светот му покажувате дека вие немате ни минимум култура, тоа е.

За изјавата на првиот човек на македонскиот дел од заедничката мешовита македонско-бугарска комисија, Драги Ѓоргиев, дека не е работа на комисијата да каже дали Гоце Делчев бил Бугарин или Македонец и дали воопшто верува во овие негови зборови, Тодороска настапува сосема искрено.

-Бидејќи многу добро го познавам Драги Ѓоргиев, нему не му верувам дури кога молчи, а камо ли, пак, кога зборува. Така што, дали тие си зеле некоја обврска, дали со тие силни евра со кои што се платени им е врзана устата, па не смеат да изговорат дека е Македонец, тоа е негова работа. Меѓутоа, неговиот збор за мене, не зборувам општо, не вреди колку снегот од пред две години.

На 4 мај во МАНУ ќе биде промовиран нов зборник посветен на ликот и делото на Гоце Делчев. Претставувајќи ја накратко неговата содржина, проф. Тодороска истакнува дека во него Делчев се работи од многу перспективи.

-Така, на пример, имаме неколку интересни текстови од колеги од Институтот за македонски јазик, од Институтот за македонска литература, од Филолошкиот факултет. Сите тие на многу различен начин го доловуваат Гоце Делчев. Јас на пример, во мојот текст правам една паралела меѓу Мажовски, Гоце Делчев и Блаже Конески. Неколку други колеги, кои директно се занимаваат со историјата, просветата и образованието даваат свои видувања за тоа како е застапен Гоце Делчев во учебниците, колку треба да се учи, даваат свои сугестии…Така што, зборникот е многу разнообрзен и е многу интересен како едно четиво кое верувам дека ќе побуди голем интерес.

Таа е децидна дека Македонија не треба да ги вметне македонските Бугари во Уставот и објаснува зошто:

-Прво, македонски Бугари како термин не може да влезе во Уставот, затоа што македонски Бугари сме фактички Македонците, тоа е она во нивната глава. Втора работа, вие да отворате Устав за да вметнете некое малцинство, да, јас не сум противник на една таква идеја. Меѓутоа, кога вие мене ми го газите моето малцинство, ги споменавме 17-те пресуди, кога вие на тие луѓе не им дозволувате ни основно образование на нивниот мајчин јазик, иако таму се со векови, тогаш треба дебело да се размисли. Од 1913 година тоа е веќе една шема која што постојано ја работи бугарската политика за обезличување на Македонците и трансферирање во бугарско национално чувство. Така што, кога вие како држава зборувате за права на вашето малцинство, треба да помислите дека ги газите основните човекови права на луѓе чија што држава не стои зад нив. Значи, нашата држава се има откажано од правото, кое што е легитимно за секоја држава, да си се грижи за сопственото малцинство. И покрај тоа што матичната држава се откажала од нив, тие пак не се откажуваат од сопственото национално чувство и вие треба да го почитувате тоа. Е, доколку вие не го почитувате моето национално малцинство, зошто јас би ги почитувал тие 3.000 на број?! Тоа што е значајно и важно е што тие манипулираат со бројки од 120.000, 150.000, иако официјалната бројка  е 86.000. Најголемиот нивни проблем е што тие сфатија дека бугарските пасоши се само виза за заминување од Македонија и дека тие ниту се чувствуваат како Бугари, ниту ќе бидат Бугари. Каде и да појдат, кога ќе ги прашаат, тие ќе кажат дека се Македонци. Кога ќе се вработат, таму не им го бараат пасошот. Бугарската држава се чувствува измамена, во смисла дека е злоупотребено правото да се добие еден пасош и со тој пасош да се замине во Европа.

Разоткривајќи ја бугарската пропаганда за бугаризација на Македонците во Албанија и дали очекува иста таква пропаганда да се засили и тука кај нас во Македонија, проф.Тодороска меѓу другото вели:

-Платеници има, да не се лажеме, тие си роварат долго време. Јас во една прилика ја коментирав бројката на Бугари во 1994 година во пописот во Македонија. Знаете тогаш колку Бугари има? Влегуваат во онаа бројка на други. Значи толку ги има. Кој им бранел во 94 да се изјаснат како Бугари? Имаме мака од платниците и ќе имаме мака, но јас сум убедена, имам една сентенца која што си ја користам често на научни симпозиуми, велам денес, утре ќе биде вчера. Значи, да мислиме на тоа како утре ќе не гледаат луѓето и како ќе не гледаат нашите деца и нашите внуци. Не да не гледаат како платеници, кои си ја продале крвта, туку едноставно достоинствено да си застанеме зад она што си го имаме. Коренот нас не држи, ние сме стеблото, меѓутоа да не ги уништиме гранките и вејките.

Целиот разговор слушнете го во видеоинтервјуто кое го водеше Предраг Димитровски