Не може постојано да ја обвинувате другата страна, а вие да заземате позиции дека вие сте тие кои ја кажуваат вистината, дека вашиот пристап кон работата е вистинскиот пристап, и да очекувате другата страна сето тоа да го прифати и да не реагира на тоа, вели во интервју за БТВ македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, копретседавачот на заедничката историска комисија помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

Тој вели дека бил револтиран од однесувањето на копретседателот од бугарската страна, Ангел Димитров, кој постојано ги обвинува македонските колеги, иако досега никој не ги обвинил македонските историчари дека шират лажни вести.

-Бев револтиран од неговиот однос, ние уште бевме во Министерството, не бевме излезени од зградата после средбата, тој веќе даваше изјава со таа негова позната обвинувачка реторика кон нашата страна. Досега не сме имале таква реакција од која било страна дека ние зборуваме невистина и шириме некакви лажни вести во нашата јавноста, вели Ѓоргиев.

Ѓоргиев зборува и за промената на темпото во работата на комисијата, но, за разлика од неговите бугарски колеги, смета дека тоа се променило поради бугарските декларации, а не затоа што Северна Македонија не сакала да продолжи со работа по приемот на НАТО.

-Духот на работата на комисијата се промени поради некои други работи, не поради тоа што Бугарија даде поддршка за влез во НАТО и со тоа ние ја исполнивме нашата цел и не сакаме да работиме. Доколку тоа беше така, можеби оваа држава и ќе ја прекинеше работата на комисијата. Меѓутоа, апсолутно тоа не е целта. Промената на работата на комисијата, би рекол, дека се случи поради неколку политички настани, декларации, кои беа, пред сè, усвоени во бугарското општество. Видете, ако ние треба да изградиме заеднички став во комисијата за тоа, на пример, дека треба заеднички да го чествуваме Гоце Делчев, а притоа државата со која треба заеднички да го чествуваме Гоце Делчев не го признава македонскиот јазик, тврди дека ние сме нација од 44-та година, Титова? Како може ние една таква препорака да дадеме до нашата Влада? Како можеме да дадеме таква препорака за држава која не нè признава онака како што сметаме ние дека како нација постоиме? И на кој начин таа јавност овде ќе ја прифати таа препорака?, вели Ѓоргиев.

Професорот ги отфрла и обвинувањата од бугарска страна дека македонските историчари ја прекинале работата пред парламентарните избори во земјава во јули 2020 година. Напротив, како што вели Ѓоргиев, тие предложиле да продолжат со онлајн-средби, исто како што тоа го прават поради ковид-пандемијата, но бугарската страна одбила. Тоа, вели Ѓоргиев, беше некоректно претставено во бугарската јавноста – дека македонскиот дел од комисијата ја прекина работата.

Тој зборува и за тоа како влијае политичката ситуација во Бугарија на работата на комисијата.

-Мислам дека се одразува. Гоце Делчев беше на дневниот ред. На последната сесија од вториот ден јас реков да се држиме до дневниот ред и да работиме за Гоце Делчев, бугарските колеги рекоа ’не, ќе продолжиме за Самоил‘. Тоа мене ми покажува дека тие сега не се за во овој вакуум на политичка власт во Бугарија, премногу да работиме и да дојдеме до резултати. Иако тие тоа ќе го негираат, јас знам. Меѓутоа, моето чувство е тоа, тие многу го намалија темпото на работа да се постигне некаков резултат, вели Ѓоргиев.

Професорот во интервјуто одговара и за темата за која последно дискутирале во комисијата – Самоиловото царство.

-Во ниедна наша препорака не пишуваме и не тврдиме дека тоа е македонско царство, можеби во некои наши учебници постои такво нешто. Меѓутоа, околу самото толкување на изворите, самиот карактер на таа држава, според нас, дозволуваат да се допушти една поинаква перспектива, вели Ѓоргиев, кој додава дека постојат и тези со кои се толкува дека освен бугарско тоа царство било и некакво друго.

На прашањето дали има докази дека Самоиловото царство не е наследник на Првото бугарско царство, тој му одговара на новинарот дека не би сакал да навлегува во материјална расправа и толкување на изборите од средниот век, меѓутоа во книгите и студиите што се напишани во тој период постојат размислување дека таа држава може да се толкува и како држава која е различна од бугарската држава.

Тој одговара и на прашањето дали византискиот оператор Василије Втори во македонските учебници се споменува како бугароубиец.

-Не можам да ви кажам точно, не ги знам сите македонски учебници. Меѓутоа, внимавајте, не може ние нашето сфаќање за идентитетот, за етничката припадност, за националната припадност, да го пренесуваме 1 000 години наназад и да му даваме исто значење, порачува Ѓоргиев.