Цар Самоил потекнува од македонска земја, се бори на македонска земја и за Македонија. Ова го пишува проф.д-р Благоја Маркоски, редовен професор на Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, поранешен добитник на државната награда „Гоце Делчев“, во текст посветен на оние кои ќе се препознаат како (рас)продавачи на македонската историја на штета на, како што вели, сопствената држава и нација.
Во текстот централно место зазема Цар Самоил и го пренесуваме во целост.
Заради мешање на политиката во науката, неуки политичари си земаат за право да формираат разно разни комисии од кои се очекува да дадат некое мислење, кое тие политичарите/политикантите ќе можат да го користат како алиби за нивните наводни големи дипломатски достигнувања, па и ако се на штета на сопствената држава и нација. Во тој контекст се формирани и меѓудржавните комисии меѓу МАКЕДОНИЈА и Грција и МАКЕДОНИЈА и Бугарија.
Првата без транспарентност само дава и се откажува од се што е македонско (согласно членот 1 и членот 7 од тој договорот во с. Нивици 2018 г.). Втората разговара (би се рекло потранспарентно) и за волја на вистината и за наша македонска среќа се уште се држи до научната историска вистина и достоинство на историската наука. Но, неодамна на новинарски прашања (а по се изгледа под напливот на силниот политички притисок) се слушнаа размисли по повод статусот на Цар Самоил. Токму затоа е ова мое писание.
Основни постулати во географијата, историјата и биологијата се просторот, времето и животот. Според тоа, основниот постулат време, во историјата не смее да се третира без географскиот простор. Затоа, во продолжение ќе стане збор за географскиот континуитет на Македонија и Македонците низ времето од антиката до денес.
Имено, на територијата на јужните делови од Балканскиот Полуостров во античкиот период егзистирале цивилизации, кои главно биле организирани, како градови држави, за разлика од Македонците, кои имале империја и биле обединети. Така, во приморските делови на територијата на денешна Грција се истакнуваат градовите држави Атина и Спарта, но на копнениот дел на територијата од Егејскиот дел од Македонија (со центар во Солунското Поле) егзистирала Македонија.
Врската на копнениот со приморските делови била неминовна заради потребата од обезбедување на храна, која главно потекнува од копнените делови на територијата. Но, во таа комуникација чести биле и несогласувањата и наметнувањето на Атињаните, така што дошло и до познатата битка кај Херонеја, каде македонскиот крал Филип II Македонски извојувал голема победа. Потоа се нижеле и други победи, надградувани со разни дипломатски и политички мерки. Така, Македонија во античкиот период на овие територии станала голем економски, воен, политички и културен фактор. Тоа во продолжение се потврдува и со походите на Александар III Македонски (име кое негде во 16-17 век му го променија во Александар Велики, заради потреби на западот да не се слушне зборот Македонски). Тоа е направено наменски, за да не се признае дека Македонија е првата империја во Европа. Империја која е настаната дури два века пред формирањето на Римската империја. Империја која на Европскиот континент акумулирала толкава сила, што апсорбирала и други држави и култури и империја која успеала да расформира друга дотогаш најголема империја, како што е Персија. Тој податок го руши митот дека Македонија е дел од Хеленскиот свет, кој не бил империјален, туку децентрализиран.
Таа Македонија, во тој период, станала страв и трепет и за други империи (како на пример Персија и Рим). Преголемата амбициозност на младиот воин Александар III Македонски, по се изгледа придонела за заслабнување на Македонија на нејзината матична територија. Тоа го искористил Рим, кој со помош од победените и незадоволни Атина и Спарта да се прошири кон исток, заземајќи ја и територијата на Македонија. Поради сознанијата за силата на македонската држава, војска и војување, Римската империја токму територијата на Македонија (централен дел на поширокиот простор, плодни полиња со разновидни култури, најпогодна комуникација меѓу западните и источните провинции итн.) ја држи под силна воена и политичка контрола и изразена колонизаторска експлоатација. Над Македонците врши терор со нивно раселување, поткупување на побогатите семејства дури до забрани за склучување на бракови кај Македонците. Ваквите аспекти се причината за наводен дисконтинуитет на Македонците во Македонија во повеќето векови потоа (односно до 3-от век и 6 и 7 век), кога и самата Римска империја започнала да доживува свои проблеми на толку големата територија и култури со кои владеела. Но, Македонците, како автохтоно население (како и многу други култури и цивилизации на овие простори) успеале да преживеат и опстанат.
Малку подоцна, Римската империја заради разни економски, воени, политички, културни и други причини се распаѓа (285 г.) на Западно и Источно римско царство (Византија). Од тука натаму Македонија и Македонците започнуваат да го живеат животот во рамки и расправа со Византија. Текот на животот во Византија исто така бил проследен со разни случувања на економска, политичка, религиозна и воена сцена. Византија се повеќе се соочува со продори и напади од север (Готи), од североисток (Хуни) и исток (Турци). Внатре во империјата по основ на претходните државни творби се воскреснуваат амбициите на автохтоното население за зацврстување на културниот, религиозниот, а потоа и економскиот, политичкиот и воен аспект.
Во 535 г. е основана Архиепископијата на Јустинијан I во неговото родно место Таор (во близина на Скопје на Македонска земја), која потоа (како континуитет) во времето на Цар Самоил во 996 г. се формира Охридската архиепископија со учениот Свети Климент (и се што е поврзано со неа околу 7 до 8 векови потоа).
Е сега, кога сме кај Цар Самоил, неминовно е да повториме дека тој е роден на македонска земја на што асоцира и Самоиловата тврдина во Охрид и местото на островот Св. Ахил во Малото Преспанско Езеро каде го завршил својот живот. Неговите воени походи главно се одвиваат на територијата на Македонија (територија која главно ги опфаќа горниот слив од реката Црн Дрим и сливовите на реките Бистрица, Вардар, Струма и Места со останатите непосредни сливови на помалите реки околу Солунскиот и Орфанскиот Залив и Халкидичкиот Полуостров) иако ги освоил и под негова власт ги имал и териториите на Епир, Тесалија, Дукла, Рашка, Босна, Захумлје, Травунија, Срем, и Подунавска Бугарија.
Пркосот кон туѓите владетели, кој го изразувале Македонците, бил присутен и во борбата против Византија како Источна римска империја. Заради повеќевековните кавги и несогласувања меѓу Западното и Источното римско царство, Западното римско царство видело сојузник во воинот Самоил и дури му овозможиле царска круна (според тоа, во продолжение е познат како Цар Самоил). Во тие времиња (како што спомнавме погоре) надворешните напади на Хуните кон Византија продолжиле и многу пологично е тие да се приклучуваат (како недоговорен сојузник) во борбите на Цар Самоил против Византија.
Според тоа, најважна е поентата дека Цар Самоил потекнува од македонска земја, се бори на македонска земја и за Македонија. Сигурно и логично е, тие, несудените сојузници од североисток да ги прикажуваат успесите на Цар Самоил како свои, но Цар Самоил борбите ги водел југозападно и јужно од Стара Планина (Балкан), односно на територијата на Македонија, а другите (доселените) главно функционирале северно од Стара Планина. Затоа, недвосмислено е важно во историските толкувања, покрај категоријата време, неминовно да се има предвид категоријата простор.
Поради изгубената битка кај планината Беласица 1014 година, заслабнува военото и политичкото влијание на Македонија, така што дотогашните постигнувања на македонските војски започнуваат да ги користат како свои придобивки други воени структури од североисток и север прикажувајќи се како автохтони борци за територијата на Македонија, како и други влијанија од југ и останатиот свет.
Паралелно со настаните на Цар Самоил против Византија се одвиваат засилени и бескрупулозни напади и освојувања на териториите на Византија во Мала Азија од страна на Турците (типични примери се т.н. подземни градови за заштита во Кападокија). Така, со дефинитивното заземање на Константинопол од страна на Турците во 1453 г. на нашите простори започнува неколку вековното турско владеење. Станува збор за една од најголемите по површина империја, која постојано води војни спрема Европа. Поради тоа, животот станува многу тежок, така што населението почнува да се бунтува.
Континуитетот на борбата во овие периоди се одвива преку влијанието на Охридската архиепископија, која пак била постојана цел на напади и дискредитација од страна на Грчката црква и Константинопол (во која главно владеат грчки црковни великодостојници и тогаш и денес). Во таквите услови Охридската архиепископија со големи парични малверзации и интриги од страна на соседите престанува да постои во 1767 година (поради што и денес постои отвореното прашање на непризнавање на Македонската православна црка).
Континуитетот на воен план, покрај другите во периодот на распаѓање на Охридската архиепископија, го потенцира Карпош (1655-1689), родум од с. Војник, Кумановско) со подигањето на Карпошовото востание 1689 г. против Османлиското царство.
Во 19-от век, континуитетот на Македонија и Македонците продолжува со работата на македонските преродбеници и борбите на македонските комити и војводи за целосно ослободување на Македонија и Македонците од Османлиското (турското) владеење. Овој период се поклопува со периодот на слабеење на Османлиската империја, кое е поттикнато од големите западни империи (особено Британската и Француската империја) со овозможување на некои територии да прогласат самостојни држави, како на пример Грција во 1830 година, Бугарија во 1908 година и слично.
Македонија, поради географската положба (во центарот на Балканскиот Полуостров), пристаништето Солун, богатите полиња во Солунското Поле и другите котлини, беше најцврсто држена и управувана од страна на Турците до последен момент. Се редеа востанички движења и востанија, меѓу кои и Македонското (Илинденско) востание во крушевскиот, демир-хисарскиот, битолскиот, леринскиот и прилепскиот регион, чија реализација завршила со голем одглас спрема светот.
Штотуку формираните (така да се рече) национални држави, потпомогнати од некои европски влијанија (со главна цел да го дотолчат болниот на Балканот, односно Османлиското царство), направија Балкански војни во кои територијата на Македонија ја поделија меѓу Србија, Бугарија и Грција. (Овде во контекст на Бугарија неминовно е да се праша „Ако Македонија беше бугарска земја, како Бугарија си дозволи да ја дели со други и да се откаже од населението кое го смета за бугарско“. Не можат да дадат одговор. Одговорот го даваат Прличев со реченицата парафразирано „Ене ги оние воловине бугарски се шетаат покрај куќите да прислушуваат“ или Бугарскиот научник ‘Кнчов кој на пријателот му вели „Ме пратија тука во Солун да ги попишувам Македонциве и да ги правам Бугари“).
Но, се случи Првата светска војна, Македонците како автохтоно население, иако под бугарска и српска власт, се бореа на фронтовите за туѓи интереси еден против друг, но едновремено се водеше и борбата на македонските интелектуални кругови за самостојна држава. Така дојде и Втората светска војна во која ориентирани на вистинската страна Македонците извојуваа своја национална победа и самостојна држава низ која до денес се направени силни културни достигнувања.
Македонскиот континуитет мора да продолжи, а ќе продолжи со почит кон вредностите на македонската нација и државност, а не со попусти и пропусти пред некакви наводни авторитети, членки ваму или онаму.
Comments are closed for this post.