Република Македонија треба повторно да биде ставена во првиот ред за пристапување во Европската Унија, истакнал Романо Проди, поранешниот претседател на Европската комисија и поранешен премиер на Италија, на денешната средба со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери.
Процесот е веќе одамна почнат и сега само треба да се продолжи, изјавил Проди и нагласил дека ќе го искористи сиот свој капацитет во таа насока.
Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери го информирал Проди за ангажманот на новата владина коалиција за воспоставување добри односи со соседите, со цел непречено одвивање на евроатланските интеграции на земјата.
Проди, стои во соопштението, воден од своето искуство, се согласил дека малите земји уште повеќе ги чувствуваат придобивките од членството во Унијата.
Повод за посетата на Проди на Македонија, е доделувањето на Светската награда за хуманизам, што утре во Охрид свечено ќе му биде врачена во Куќата на Уранија на МАНУ.
Џафери нагласил дека оваа награда доаѓа во вистинско време, кај вистинскиот човек, имајќи на ум дека Проди беше дел од претседателството на Европската Унија во навистина критичните моменти за нашиот регион, и ова е крунисување на неговиот хуман придонес.
Романи Проди е тринаесетти добитник на ова признание со кое Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги награди нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел де Оливеира.
Comments are closed for this post.