Процесуирана е кривичната пријава против премиерот Зоран Заев за настапот за време на кампањата за референдумот во Крива Паланка каде ги повика бизнисмените „да го отворат ќесето“ и да ги почестат работниците пред референдумот.

Предметот е даден на Основното обвинителство во Куманово и тоа ќе ги разгледува наводите во кривичната пријава.

ВМРО-ДПМНЕ на 17-ти септември поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев, за како што наведоа, повик на поткуп при избори на јавен митинг во Крива Паланка. Од партијата истакнуваат дека тоа е спротивно на чл. 160 и чл. 162 од Кривичниот законик.

Ја поднесовме кривичната пријава од причина што јавниот обвинител не постапи согласно своите надлежности кои што се предвидени во чл. 39 од Законот за кривична постапка, односно не отвори постапка против Зоран Заев по јавно допрен глас – соопштија тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.

За повикот на Заев до бизнисмените и сопствениците на компании на собирот со граѓаните во Крива Паланка,  претставки до Обвинителството поднесоа и  „Глас за Македонија“ на Солза Грчева  и Светскиот македонски конгрес (СМК) .

До Обвинителството се поднесени 40 пријави за предреферендумскиот период и за денот на референдумот. Во надлежните јавни обвинителства се проверуваат наводите за евентуално покренување на кривичните постапки, информираше претседателот на привремената комисија која ја формираше јавното обвинителство за следење на нерегуларности на референдумот, Џељаљ Бајрами.