Петте осомничени лица кои се приведени денеска во новата истрага „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство, попладнево со полициска придружба почнаа да ги носат пред судија на претходна постапка. СЈО за нив побара мерки за обезбедување присуство.

Во Кривичниот суд прв беше доведен Ненад Јосифовиќ, а потоа и Цветан Панделевски, сопственикот на „Пелистерка“.

СЈО претходно соопшти дека по спроведена опсежна предистражна постапка, во која се преземени десетина предмети кои се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои воспоставена е надлежност на ова Јавно обвинителство, денеска е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски. Тие се осомничени за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.

Во текот на денешниот ден СЈО во соработка со МВР, изврши 12 претреси и приведени се пет осомничени лица.

Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела, а во насока на обезбедување на имотно – правните барања од оштетените лица и обезбедување на предметите кои потекнуваат од кривичните дела ќе бидат побарани и мерки за привремено обезбедување на имот.