Четворица поранешни министри и заменици министри за земјоделство денеска се приведени во врска со истрагата за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.

Лицата се осомничени дека во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп. Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)., информираат од Јавното обвинителство на Република Македонија, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Од ЈОРМ, исто така, информираат дека надлежниот јавен обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје доставил Предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени.

Во соопштението од Обвинителството не е навден идентитетот на осомничените, но дел од медиумите објавија дека станува збор за поранешните министри Ацо Спасеновски, Михаил Цветков, Љупчо Димовски, како и поранешниот заменик министер Кристијан Делев