Три лица се задржани во полициската станица Гостивар под сомнение дека се сторители на десетина кражби на паричници на гостиварското подрачје.

Според СВР Тетово, вчера, 29 октомври, околу 12 часот и 30 минути на улицата „Иљо Антевски-Смок“ во Гостивар полициски службеници ги лишиле од слобода С.Р. (56) од Скопје и А.М. (40) и Х.А. (68), двајцата од косовскиот главен град Приштина. Тројцата, претходно во период од 10 до 12 часот, на гостиварскиот голем пазар извршиле џепни кражби на М.М.(68) од гостиварското село Форино и Б.Ш.(70) од гостиварско Дебреше. Одземените паричници, набрзо им се вратени на сопствениците.

Оваа група се сомничи за десетина сторени кражби, најмногу на паричници на гостиварското подрачје. По целосното документирање на случајот, против нив ќе биде изготвен соодветен поднесок и во текот на денот треба да бидат изведени пред судија на претходна постапка.