Злетовецот Д.А. (32) синоќа починал откако голтнал непозната прашкаста материја што се наоѓала во најлонска фолија. Веднаш била повикана екипа на итна медицинска помош и Д.А. бил префрлен во Здравствен дом Делчево, каде починал околу 22 часот.

Како што соопшти МВР, несреќата се случила синоќа во 19.15 часот на Граничниот премин Делчево. Царинските службеници извршиле контрола на возило „Мини купер“ со бугарски регистерски таблички што било управувано од Д.А., што се пријавило за влез во Република Македонија. Совозач во автомобилот било 18-годишно момче од Пробиштип.

Извршен е преглед над лицата и на нивниот личен багаж, при што кај Д.А. била пронајденa ќесичка со непозната прашкаста материја. Додека траела постапката спроведена од страна на царинските службеници во еден момент Д.А. ја земал ќесата ја скинал најлонската фолија и непознатата материја ја голтнал – се наведува во МВР билтенот.

Известен е јавен обвинител, по чија наредба телото е предадено за обдукција. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.