По шест месеци и 36 рочишта заврши еден од најголемите судски процеси во историјата на Македонија.

За прв пат во еден случај беа измешани толку ликови, судии, обвинители, бизнисмени, шоу бизнис фаци, новинари, политичари. Од сето тоа обвинение имаше само за двајца, за Бојан Јовановски и поранешната јавна обвинителка Катица Јанева. За онаа која пред четири години требаше да биде олицетворение на правдата во Македонија и за еден забавувач како што самиот што се нарекува.

Во овие шест месеци јавноста имаше можност да се изнагледа се и сешто. Луксузна гардероба, куферчиња пари, Луј Вион чанти, уметнички слики, автомобили, лични шофери. Се видовме само едно не, а тоа е каде завршија парите.

Обвинителката Вилма Рускоска по пресудата рече дека нејзино мислење е дека парите завршиле кај Јанева и кај Боки и неговата телевизија. Но, тоа е само нејзино мислење.

Она што е факт дека во главниот доказ а тоа е доаѓањето на Боки и Кичеец кај Камчев и заминувањето со торбата Луј Витон се гледа само неколку секунди куферче со пари и после тоа еден кадар како Милевски и излегува со истата торба а Боки оди по него. Но, доказ дека парите навистина се дадени нема.

Она што не одеше во прилог на Боки е неговото расфрлање со пари и луксузен живот во ситуација кога се води како невработен. А за Јанева што да се каже освен дека се работи за неизживеаност.

Ја користела својата позиција за да има полагоден живот и ВИП третман на приеми и кај диполомати и политичари.Сега дури и мебелот што го добила ќе мора да го врати.

Но она што е побитно е дека колку и да се виновни Боки и Катица, толкава сила не можеле да добијат без да имаат „грб“ од некој политичар.

Затоа задоцнето делува извикот на Боки по донесувањето на пресудата дека парите завршиле кај Вице и Зоран Заев. Пандорината кутија што ја најави требаше да биде отворена порано.

Следната шанса Јовановски ќе ја има во случајот за „Меѓународниот сојуз“, а многу е веројатно и дека и Јанева повторно ќе се најде на обвинителна клупа, овој пат за бонусите што си ги делеа во СЈО.

Денешните пресуди не ја вратија вербата во судството во Македонија, бидејќи јавноста повеќе ја интересира кај кого завршиле парите а не кој и за што ги трошел.