Преку НЕКОИ наши црвени линии не може да поминеме. Бугарија разбира дека имаме суверено право на само идентификување да се чувствуваме како Македонци и да зборуваме на нашиот македонски јазик…Немаме претензии кон нашите соседи или други земји. Да бидам попрецизен-дискусија околу идентитетските атрибути и генезата на нашиот јазик е навистина анахрона и спротивна на европските и атлантските вредности и на меѓународното право. Немаме намера да дискутираме за тие теми.

Ова, меѓу другото, вчера го изјави премиерот, Зоран Заев, на панелот, што го организираше американскиот тинк-тенк Атлантски совет на тема „Македонија на прагот на Европа“.

Но, и вака дефинираниот цврст став и прецизност на премиерот Заев, сепак има одредени непрецизности и слабости, што слободно можат погрешно да се протолкуваат, особено од бугарската страна.

Зашто, потенцирањето само на НЕКОИ наши црвени линии, што не можеме да ги поминеме, веднаш го поставуваат прашањето-а КОИ црвени линии во спорот со Бугарија можеме да ги поминеме и има ли такви, воопшто? Само за потсетување, за претседателот Стево Пендаровски, на пример, Гоце Делчев беше нашата црвена линија, која сега се поретко се споменува.

И формулацијата дека е анахрона дискусијата „околу идентитетските атрибути и генезата на нашиот јазик“ има слабости. Дали е случајно или не, тоа е сосема друго прашање.

Зошто за премиерот Заев е анахроно да се дискутира за генезата на македонскиот јазик, а не е анахроно да се дискутира и за генезата на македонскиот народ и нација од кои, впрочем, произлегуваат и идентитетските атрибути?

Вака поставени работите дека има црвени линии преку КОИ премиерот Заев може да помине и дека не може да се разговара само за етногенезата на македонскиот јазик, ама може за етногенезата на македонскиот народ и нација се многу блиску или речиси идентични со ставовите на Бугарија. Ова дотолку повеќе што за официјална Софија не е спорно постоењето Македонци по заседанието на АСНОМ во 1944 година.

Заев неодамна изјави дека, парафразирано, на 31 декември 1943 година не сме заспале како Бугари за да се разбудиме како Македонци на 1 јануари 1944 година. Но, неговите непрецизности сериозно раѓаат сомнежи меѓу Македонците и нескриени очекувања кај бугарската страна.