Пристисокот од јавноста, пратениците,експертите, антикорупционерите е главна причина што премиерот Зоран Заев реши да го повлече предлогот истовремено да биде и министер за финансии. Недореченостите во законот му дадоа за право на премиерот да се самопредложи за министер за финансии.

Тоа предизвика силна реакција, најпрво од Антикорупциската комисија која посочи дека ќе биде принудена да преземе конкретни мерки согласно нејзините надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Со сличен став е поранешниот член на Антикорупциската комисија Слаѓана Тасева.

Во ситуација кога има општ закон, како што е Законот за Влада, и специјален закон, како што е Законот за спречување на корупција и судир на интереси, предност во примената има специјалниот закон или леџ специјалис- вели Тасева за Пресинг Тв.

Доколку составот на новата влада помине во Собранието, Заев нема да биде министер за финансии, туку само ќе раководи со ова министерството.

Но, и ова не е докрај прецизирано, какви и колкави надлежности ќе има Заев, со оглед на тоа што министерството за финансии има заменик министер кој може целосно да го заменува во надлежностите.

Политичкиот аналитичар Александар Пандов смета дека Заев сака да има целосна контрола врз финансиите бидејќи е свесен дека се ближи неговото заминување.

Со техничката влада тој си заминува од премиерската функција и намерата е тој да биде во владата и да биде или кочничар или пак да дели пари и да подмитува и да се обиде на таков начин со државни пари да ги добие следните избори- вели Пандов за Пресинг ТВ.