Она што во приватниот живот на одредена личност нема рефлексија врз извршувањето на неговата јавна функција за мене е негово лично право, изјави денеска во Виена премиерот Зоран Заев околу случајот со пратеникот Павле Богоевски. Тој застана во негова одбрана и побара истрагата да заврши, што побргу.

Јас сум транспарантен човек, секогаш сум повикувал на одговорност, сум разрешил луѓе, директори. Сега зборувам за нови промени. Она што во приватниот живот на одредена личност нема рефлексија врз извршувањето на неговата јавна функција за мене е негово лично право како ќе се однесува. Затоа и мојата политичка партија соопшти дека тоа е негово лично право, негова лична одговорност и етичко однесување. Неговото работење во парламентот е успешно. Тој е еден од активните учесници во парламентот и учествува во комисиите. Каква и политичка одлука да донесе, ќе ја почитувам, изјави Заев.

Премиерот рече и дека Богоевски сам се пријавил во полиција.

Направил обид за да набави лек за својата сестра, не сум имал можност да се видиме, но ќе се видиме. Треба да биде еднаков како сите, но се пријави и самиот и го пријави и таксистот. Јавно настапи и транспарентно, не го бранам, но како што се зборува за сите, така и за него, рече Заев.

ОЈО го бара таксистот

Основното јавно обвинителство дало наредба на МВР да се направат проверки околу утврдување на идентитетот на таксистот, кој наводно извршил снимање на разговорот на пратеникот Павле Богоевски, како и да се провери од кое лице евентуално била нарачувана наркотична дрога и за чии потерби. МВР ќе треба да поднесе кривична пријава до Обвинителството доколку по спроведувањето на сите мерки се обезбедат докази и се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела.

По приемот на ова известување од страна на надлежен јавен обвинител веднаш беше изготвено барање за доставување податоци до Youtube кои се однесуваат на комплетни логови за наведениот профил, ИП адреси користени за пристапување и најавување на тој профил, како и ИП адреса од која е креиран профилот, соопштуваат од јавното обвинителство.