Премиерот Зоран Заев денеска во владата ги прими европските шампиони, ракометарите на Вардар. Тој рече дека на следната владина седница ќе предложи на ракометарите да им се додели награда од 500. 000 евра и дека државата ќе направи се клубот да остане на сегашното ниво, но и за понатамошен развој.

Ви честитам за титулата европски шампион, за среќата и радоста која ни ја приредивте, на нас, на граѓаните и на државата. Вие сте шампионите на нашите срца! Докажавте дека преку пријателството, професионалноста,
искуството и посветеноста, можете да го направите народот толку среќен! Вие сте гордост на целата наша татковина и на сите граѓани и верувам дека сите ние ќе продолжиме да бидеме мотивација за идните генерации кои доаѓаат“. Премиерот Заев рече дека е среќен што клубот „Вардар“ постои, повика на сплотеност и додаде дека државата ќе возврати со влог во спортот и преземање на сите потребни мерки за одржливост на Клубот. На следната седница на Владата ќе предложам доделување на награда од 500.000 евра. И веднаш, уште од денеска се посветуваме на мерките кои ќе ги преземеме за стабилност на Клубот, на исто ниво на кое е сега, но и за развој и успешна иднина понатаму. Нема поголеми амбасадори на нашата земја, од спортот и затоа сме посветени за изнаоѓање начини за понатамошна работа, преку законски решенија и со помош на државните институции“, рече премиерот Заев додавајќи дека стратешката цел на Владата е да се гарантира самостојност и развој на спортот, што веќе се презема со „ваучерскиот систем“, каде се обезбедуваат 6 милиони евра, со тенденција финансиската помош да порасне на 10 милиони евра, рече премиерот.

Агенцијата за млади и спорт ќе додели дополнителни 100.000 евра, покрај веќе донесената одлука за
доделување на 100.000 евра од Советот на Град Скопје.

Заев на вардарци и сопственикот Самсоненко им додели плакета за благодарност. Тие пак му подарија дрес.