Предлог-законот за попис е ставен на дневниот ред, во рамки на продолжението на 29-та собраниска седница.
Додека владата останува на ставот дека пописот ќе се спроведе напролет и ќе биде согласно стандардите на Евростат, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањето да се набават 10.000 терминали за земање отпечатоци од прсти при спроведување на пописот.
Само со набавка на терминали со отчитување за отпечатоци од прсти ќе се попише резидентното население и ќе се направи дистинкција на резидентите од државјаните, односно луѓето кои поседуваат македонско државјанство но не живеат во државата. Апаратите за отпечатоци и така треба да се набават неколку месеци подоцна за локалните избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, во неколку наврати истакнаа дека пописот не е и не смее да биде политичка операција, туку статистичка. Токму во Извештајот на ЕК пописот се споменува како потребна обврска на нашата држава која треба да биде реализирана, наведоа социјалдемократите.
Планирано е постапката да заврши за шест месеци и да чини 8,5 милиони евра за набавка на потребната опрема.
Пописот би требало да се спроведе во првите три недели од април.
Последниот попис беше во 2002 година, а најавениот попис во 2011 година, не беше реализиран.
Comments are closed for this post.