На премиерот намесник, Димитар Ковачевски-Таче, никако да му тргне со „патриотизмот“. Не само што неговиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, целосно го разобличи пред својот бугарски колега дека со изјавата оти Бугарија се однесува кон Македонија како што Русија се однесува кон Украина, туку и самиот се губи во просторот и времето, заборавајќи што има прифатено и потпишано.
Па така, на Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, Ковачевски одново во „патриотски“ занес, од Плаошник меѓу другото ќе изјави:
-…Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилометодиевското и црковнословенско наследство, суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на нашиот македонски народ…
Колку ова гордо за уши звучи само! Или, што би рекле Бугарите, убаво кажано, ама не е така!
Таче како да заборави што прифати како решение за Светите браќа преку заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за историски и за прашања на учебниците. Еве, да го потсетиме.
-Мисионерското дело на Светите браќа Кирил и Методиј ги поставува основите на
христијанската култура и духовност на словенските народи. Прифаќањето и ширењето на писменоста и преводите на богослужбените книги им овозможува на словенските народи да се запознаат со христијанското учење на разбирлив јазик. Делото на Св. Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓаат услови за работа. Тоа дава суштествена основа на современите држави Република С.Македонија и Република Бугарија заеднички да го одбележуваат денот на Св.Кирил и Методиј.Бурните културни процеси, кои започнуваат во текот на 19. век, наоѓаат израз и возасилениот интерес кон животот и делото на Св. Кирил и Методиј. Во средината на 19. век сеќавањето за Св. Кирил и Методиј станува дел од светската културна традиција, а денот на нивниот црковен празник започнува да се одбележува во училиштата. За првпат тоа се случува во Пловдив во 1851 година. Процесот на духовно будење и еманципација наоѓа израз во сеприсутното одбележување на празникот во многу училишта на територијата на современа Република С.Македонија и Република Бугарија. Следствено, делото на Св. Кирил и Методиј и нивните ученици започнува да се одбележува и во други словенски земји, а нивниот придонес за европската цивилизација е признат и од Католичката црква, која ги прогласи за заштитници на Европа.До сега кажаното дава основа и ги задолжува двете држави со одговорност за зачувување на сеќавањето за делото на Св. Кирил и Методиј и нивните ученици преку годишни заеднички чествувања.
Значи, ова парче земја, што ќе рече и Охрид, се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава. Со други зборови, Таче прифати дека Светите браќа немале ништо заедничко со македонската територија и им дозволи на сегашните современи Бугари целосно да ги присвојуваат, што тие и на дело го прават.
И кога се говори за штетноста од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка и т.н. француски предлог, кои претставуваат основа за бугаризација на Македонија и на Македонците, Ковачевски не треба да затвора очи дека токму оваа содржина во иднина ќе ја учат нашите деца. Кого тие ќе слушаат?!
Ќе го учат наизуст тоа што ќе го пишува во учебниците, тоа што ќе им го предаваат нивните пофесори, тоа што дома ќе им го говорат нивните родители или тоа што како памфлет ќе им го кажува Таче!?
Comments are closed for this post.