Премиерот Зоран Заев, оствари средба со поглаварите и претставници на верските заедници наведени во Уставот на Македонија, коишто упатиле честитки потпишаниот Протокол за пристапување во НАТО. Притоа, верките челници заеднички изразиле верба дека тоа ќе донесе траен мир за земјава, како и целосно помирување помеѓу сите граѓани кои живеат во нашата земја.

Како што информираа од владината прес служба, присутните на средбата разговарале за актуелни прашања од значење за верските заедници. Притоа изразиле заедничка согласност дека при функционирањето на државниот систем и на верските заедници треба да се почитува секуларниот карактер на државата, како што е предвидено со Уставот. Истовремено, ги разгледале и можностите за подобрување на законските решенија во насока на унапредување на верските слободи и права.

На средбата со Премиерот присуствуваа поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија,  Митрополит Скопски, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г.г. Стефан, поглаварот на Исламската Верска Заедница во Република Македонија, Рејз Ул Улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, поглаварот на Католичката црква во Република Македонија, Скопски бискуп и епарх струмичко – скопски, Киро Стојанов, проповедник Михаил Цеков од Евангелско – методистичката црква во Република Македонија и Берта Романо Николиќ, претседателка на Еврејската заедница во Република Македонија.