Португалија никогаш не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот меѓу Бугарија и Македонија. Напротив, постојано се обидуваме да го олесниме, истакна денеска португалската амбасадорка во земјава Марија Вирџиниа Мендес де Силва во изјава за Дојче Веле.

Таа ги демантира извештаите во бугарските медиуми кои пренесоа изјава на државната секретарка за европски прашања Ана Паула Закаријаш дека „јазикот на Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји“.

Таа спомена дека има политички момент кој ги отежнува работите во Бугарија, и дека има сензитивни прашања поврзани со идентитетот, историјата и бугарскиот и македонскиот јазик, вели португалската амбасадорка за ДВ.

Бугарското национално радио (БНР) денеска јави дека министерката на Португалија за Европа, Ана Поула Закаријаш, во разговор со новинари во Лисабон, ја опишала дебатата меѓу двете земји како „тешка“ и истакнала:

Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија. Таа е поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто што се нарекува патоказ, што ќе им помогне да соработуваат и Бугарија ќе добие гаранции дека кога Македонија ќе влезе во ЕУ работите ќе се одвиваат непречено. Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека земјата си го смени името. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите пред да одлучат како да постапат“.