Во рок од само неколку дена претставници на Владата и шефот на државата ни испратија пораки, што укажуваат на нова дисонантност во државниот врв во однос на настапот кон разрешување на недоразбирањата со соседна Бугарија. Особено за значењето на прашањата, кои се на маса, тајмингот за нивното решавање и начинот на верификување на евентуално прифатливите решенија,анализира „Пресинг ТВ“

По вчерашното обраќање пред пратениците на претседателот Пендаровски, во услови кога испратените одговори за „патната карта“ 5+1 до официјална Софија се уште не им се познати ни на опозицијата, ни на пошироката домашна јавност, стана сосема јасно дека станува збор за прашања од највисок национален интерес.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, неодамна, во еден од своите телевизиски настапи, призна дека меѓу нив се наоѓа македонскиот јазик. На ова, пак, Пендаровски вчера ги надоврза и обвинувањата, што доаѓаат од бугарска страна, за наводна системска дебугаризација во државата. За историјата и толкувањата дека таа е целосно бугарска и не треба многу да се говори.

Според првичната еуфорија, што доаѓаше од Владата и одделни министри, излезе дека проблемот може да се реши уште во јануари. Апсурдноста одеше до таму, што првиот вицепремиер Артан Груби не убедуваше дека доволни се само шест дена, а веќе седмиот ќе можеме да одмараме. Но, очигледно работите не стојат баш така.

Овде треба да се укаже и на брзото спуштање на земја на претседателот Пендаровски. Тој за време на посетата на Косово го поздрави новиот пристап на премиерот Кирил Петков во обидот за надминување на недоразбирањата, но не го поддржа периодот од шест месеци, додавајќи дека проблемот може да се реши за многу покус временски период.

Но, вчера, во своето обраќање претседателот Пендаровски кажа нешто сосема друго.

-Од почетокот на бугарската блокада до денес се залагам за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник, изјави шефот на државата.

 

Според него, значи, од една страна шест месеци се многу, а од друга, не треба да се брза!? А, да биде иронијата поголема, двете работи ги кажува во време кога се знае дека одговорите за „патната карта“ се испратени!

Вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров, на комисиската расправа во Собранието испрати порака, парафразирано, дека секое евентуално прифатливо решение ќе треба да ја добие и собраниската виза. Но, притоа испушти еден мал детал. Дали за собраниската верификација ќе биде потребно само просто мнозинство или целосен политички консензус?-прашува „Пресинг ТВ“.

Ако се следи логиката дека резолуцијата со која се одредуваат националните црвени линии беше усвоена со општи консензус, тогаш и евентуално прифатливото решение ќе треба да го има истото сито. Усвојувањето со просто мнозинство или со мнозинство без опозицијата ќе значи политичко силување и дополнителни интраетнички поделби, пред се, меѓу Македонците.

Севкупно земено, ваквите дисонантни пораки на државниот врв повеќе оставаат впечаток за нови дневно-политички надмудрувања, отколку за некаква конзистентност во одбраната на националните интереси, а уште помалку за стабилизирање на преговарачките позиции.