„Го ослободивме медиумскиот простор и гарантиравме целосна слобода на медиумите без никаков притисок. Се определивме за нулта толеранција за напади и насилство врз новинарите и медиумските работници. Даваме целосна поддршка за само регулација и почитување на професионалните и етичките стандарди и борбата против говорот на омраза во медиумите. Медиумското образование е исклучително важно, имајќи предвид дека медиумите и информативната писменост се клучен фактор кој им овозможува на поединците да ги следат медиумите на сопствен начин“, изјави на вториот ден од Меѓународната конференција за слободата на медиумите во Лондон, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.

„Професионалното, квалитетно новинарство останува главна цел на Република Северна Македонија. Новинарство кое се спротивставува на влијанијата на центрите на моќ“, потенцираше Поповски.

Конференцијата, посочи министерот Поповски во своето обраќање во рамките на Националните изјави, покажа дека демократиите беа сведоци на растечките закани коишто произлегоа од ширењето на дезинформации и онлајн пропагандистички кампањи, вклучувајќи и координирани напори од голем размер за потиснување на внатрешните демократски процеси.

„Република Северна Македонија во последниве години го доживеа овој феномен како една од целите на сензационализмот, недостојни медиумски содржини и лажни вести“, изјави Поповски.

Нагласи дека Северна Македонија целосно ја почитува слободата на говорот и на медиумите, гарантирани со повелбите за човекови права.

„Донесовме законска регулатива за транспарентна постапка за избор на Совет на јавни радиодифузни служби и Советот на Агенцијата за медиуми, којашто гарантира реформа, независност од која било партија и ослободена од какво било влијание. Формиран е професионален владин сектор за комуникација, како комплетен, 24-часовен сервис за новинарите и граѓаните. Без предрасуди и комплекси, како и нашите програмски политики, ние се отворивме за јавноста“, изјави Поповски.

Владата на Република Северна Македонија е прогласена за најотворена меѓу владите во регионот во 2017-та година, за разлика од последното место во 2016-та година, вели Попвски.

Владата, посочи Поповски во своето обраќање, целосно ги поддржува и се обврзува дека ќе ги имплементира препораките вклучени во Глобалната заложба за слободата на медиумите прифатени од учесниците на Конференцијата за слобода на медиумите.