Од Македонскиот полициски синдикат реагираат дека е срамна пресудата на Основниот суд Виница за извршен напад врз полициски службеници за што судот изрекол алтернативна мерка условна осуда.

Основниот суд Виница донел пресуда 1К-1/20 од 9 октомври постапувајќи по предмет за напад врз службено лице при вршење работи на безбедност и на сторителот му изрекол  алтернативна мерка условна осуда од 1 година. Македонскиот полициски синдикат смета  дека ваквата пресуда е спротивна на основната цел за остварување на индивидуалната и генералната превенција за одвраќање на сторителите да не чинат вакви дела, а во насока на заштита на полициските службеници од напади при извршување на своите работни задачи.

 

Сметаме дека ваквата пресуда е ослободителна,и со ваквите пресуди  за извршени напади на полициски службеници,наместо да се одвраќаат граѓаните да не вршат напади, истите се охрабруваат што е евидентно од секојдневните напади на полициски службеници на целата територија на државата.

 

Со ваквите пресуди сметаме дека предметите за напади на полициски службеници се сведуваат на обичен формализам во постапката на Јавното обвинителство и судот, сведувајќи ги на обична статистика и формално затворање на предметите како статистичка бројка на завршени предмети, без да се применат сите одредби на Кривичниот законик и да се изрече правична казна на сторителите на вакви кривични дела во законската рамка предвидена за предметните кривични дела, а се со цел поголема казнено-правна заштита на полициските службеници а во насока на остварување на целта спречување на сторителот да врши кривични дела и воспитно да се влијае другите да не вршат вакви кривични дела.

 

Во конкретниот предмет е полициските службеници добиле телесни повреди, а за вакво дело предвидена е казна затвор во траење од 6 месеци до 5 години. Алтернативните мерки се изрекуваат за полесни кривични дела, па се поставува прашањето дали кривичните дела за напади на полициски службеници се сметат за полесни кривични дела ако се земе предвид заштитеното добро како објект на заштита односно полициската служба која треба да преставува гарант на заштита на јавната безбедност и слободите и правата на граѓаните, а јачината на загрозувањето или повредата на заштитеното добро преставува еден од отежителните околности кои судот задолжително треба да го земе предвид при изрекување на санкцијата – се вели во реакцијата на Македонскиот полициски синдикат.