Полициски екипи вчера влегле во просториите на Министерството за култура. Вработените биле пуштени порано од работа, односно во 14 часот, без да им се образложи зошто, па оние кои по работа седнале во околните кафулиња го забележале доѓањето на полицијата. Неофицијално, се вршело претрес и се изнесувале документи од институцијата.

ПресингТВ побара информација и од Министерството за култура и од Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството за култура ја потврдија информацијата дека вчера дошла полиција, но тврдат дека барале евентуално поставени уреди за прислушкување или проверувале други безбедносни ризици.

Како што посочуваат од  министерството, станува збор за рутинска акција, што доаѓа на барање на самата институција, испратено уште пред некое време.

Од таму појаснуваат дека било потребно да се направи ваквата процедура по доаѓањето на нов министер и неговиот кабинет со цел да се провери зградата на министерството за се што евентуално би можело да претставува ризик за безбедноста или загрозување на нормалниот тек на работата на институцијата.

Изворите од министерството уверуваат дека оваа безбедносна проверка била единствената цел на доаѓањето на полициските екипи и дека немало никакво испитување на досегашното работење на министерството.

Добивме и официјално соопштение од министерството во кое се вели:

Од МВР  само кусо одговаар дека правеле рутинска безбедносна проверка.

Дел од вработените зад камерите само коментираат дека и порано се случувало да бидат ослободени пред завршување на работното време, поради доаѓање на некои делегации, така што првично не биле изненадени од одлуката.

Промената на раководството во министерството за култура се случи во јуни, кога на местото на Роберт Алаѓозовски, дојде Асаф Адеми.