Денеска на околу 20. 000 граѓани, кои се над 77 години, почнува имунизацијата со вакцината „Астра Зенека“, која пристигна преку Ковакс механизмот во неделата.
Во Скопје имунизацијата ќе се врши во поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“. Денеска првите вакцини ќе ги примаат и граѓани во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и Кавадарци.
Матичните лекари ги информираат граѓаните за терминот за вакцина.
Од петок ќе започне вакцинацијата во Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.
Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок.
Министерството за здравство вчера соопшти дека 4. 000 вацкини ќе бидат дадени за вработените во критичната државна инфраструктура, како вработените во МВР и Армијата, новинари, вработени во судовите и обвинителствата, возачите на автобусите на ЈСП, пожарникарите, воспитувачките во градинките и вработените на патарините.
Но, синоќа министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека Македонија ќе ги следи примерите на Канада и на Германија и нема да вакцинира лица помлади од 60 години со вакцината на „Астра Зенека“.
Вечерва по двата извештаи на Канада и на Германија донесовме одлука дека ќе ги следиме нивните препораки и нема да вакцинираме со ’Астра Зенека‘ лица кои се помлади од 60 години. Ние, секако, утре почнуваме со вакцинација на повозрасни граѓани, на возраст над 77 години, рече Филипче.
Comments are closed for this post.