Со одлука на Владата, донесена на последната седница, се формира комисија којашто ќе биде надлежна за пренос на техничките уреди за следење на комуникации и на техничката документација од Министерството за внатрешни работи – Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) во Оперативно-техничката агенција (ОТА).

Оваа комисија ќе има задача да ја утврди фактичката состојба на техничките уреди за следење на комуникации, како и на техничката документација, кои се пренесуваат од УБК во ОТА, да изврши попис на сите активни мерки за следење на комуникациите, како и да состави записник за извршената задача.

Комисијата ќе биде составена од претставници од МВР, од ОТА, од Врховниот суд, од Јавното обвинителство, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите.

Како што информираат од Владата, формирањето на оваа Комисија е во функција на обезбедување гаранции за соодветна имплементација на законските решенија од кои произлегуваат и обврските на Владата да ги овозможи сите неопходни услови за старт на работата на ОТА.

Примената на наведениот закон треба да почне на почетокот на  ноември.

Локацијата на ОТА засега останува непозната.