Почнува вакцинацијата против Ковид-19 во Делчево и Македонска Кaменица. Директорката на делчевскиот здравствен дом Марија Глигоровска ,информираше дека со вакцинацијата на почетокот ќе бидат опфатени сите закажани пациенти над 70 години.
-Од утре, 2 април 2021, започнува вакцинацијата за сите закажани пациенти над 70 години, кои преку матичните доктори веќе се најавени за вакцинација. Кај нас веќе се пристигнати вакцините кои ги чуваме во специјални фрижидери, ги имаме и вакциналните картони на пријавените. Во Делчево ќе работат три пункта, односно три ординации, ќе се вакцинира на секои 10 минути, за да нема гужви ќе има ред надвор, ќе им измериме температура на пациентите и ќе се направат прегледи, истакна Глигоровска.
За двете општини како што додаде директорката обезбедени се вкупно 300 вакцини.
-Од пристигнатите, 200 вакцини се за пријавените лица од Делчево и 100 вакцини имаме обезбедено за пријавените лица од М.Каменица, каде вакцинацијата ќе се реализира на два пункта. Се надеваме дека се ќе помине во најдобар ред и ќе немаме проблеми во однос на организацијата, за која имаме доволно персонал кој успешно ќе ја спроведе вакцинацијата, додаде Глигоровска.
Глигоровска се осврна и на последниот случај со 33-годишната родилка од Делчево, која почина по компликации од Ковид-19.
-За жал во Делчево во последните неколку недели ни се случија многу трагедии а најтрагичен е последниот случај со младата родилка која од овде како позитивна на Ковид-19 беше однесена со лекар и акушерка 10 дена пред терминот за раѓање. По пат добро патувала и е предадена во релативно добра состојба, меѓутоа имала симптоми на Ковид-19. По зборувањето на семејството состојбата се влошила по раѓањето. Знаете дека вирусот е многу непредвидлив се случува често пати пациентот го пуштаат а тој по 24 часа починува, додаде Глигоровска.
И покрај отпочнувањето со вакцинација од делчевскиот здравствен дом, апелираа граѓаните и понатаму да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус
Comments are closed for this post.