Во Собранието почна седницата на која најдоцна пред полноќ треба да се гласа за доверба на Владата на премиерот Зоран Заев. Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, која беше во коалиција со СДСМ. По реакција на пратеникот Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива, својот потпис вчера од иницијативата ги повлече претседателот на Левица Димитар Апасиев, но и 16 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

На седницата присуствуваат 61 пратеник, но претседателот на Собранието Талат Џафери ја напушти седницата бидејќи не ја поддржува иницијативата и го повика потпретседателот на Собранието Фадил Зендели да ја води седницата по што даде десет минути пауза.

Фали пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи. Брифинзите од опозицијата се дека двата телефони на Реџепи се исклучени, а во двата стана нема никого.

Пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев предмалку на својот фејсбук-профил обвини дека пратеник е киднапиран на денот на гласање за доверба на Влада.

Јако еј!
КИДНАПИРАЛЕ пратеник мислејќи дека така нема да паднат!?
#МафијаVsПратеници, напиша Апасиев.

На седницата присуствуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. Меѓу нив се и двајца пратеници кои се изолација поради Ковид-19, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелика Петкова.

На седницата не присуствуваат пратениците од СДСМ и од ДУИ.

Седницата се одржува во куполата, без прусуство на медиумите, бидејќи новинарите немаат пристап во таа сала. Објаснувањата се дека во пленарната сала „Македонија“ се вградува нов систем за гласање.

Присутен е и премиерот Зоран Заев и другите членови на Владата.

За Собранието да ја изгласа одлуката за недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот. Но, останува да ја извршува функцијата се до изборот на нова Влада.