АД ЕЛЕМ склучил договор во четири очи со компанијата „Марковски компани“  од Битола во сопственост на почесниот конзул на Белорусија во Република Македонија, Борче Марковски во вредност од 92.040.000 денари (1,5 милиони евра). Договорот е склучен без претходно објавен оглас.

Избор на Борче Марковски за почесен конзул во 2016-та година

Од фирмата според  договорот се бара да ангажира помошна механизација за потребите на рударска оператива во ПЕ Рудници, РЕК Битола, и тоа еден камион дампер и булдожер. Договорот е потпишан пред еден месец, а е со времетраење од една година.

Во образложението на договорот објавен на страна на Бирото за јавни набавки, се наведува дека немало оглас бидејќи се работи за причини од крајна итност, предизвикани од настани што не можеле да се предвидат. Меѓу другото се наведува и дека секое одложување и одолговлекување е крајно неоправдано, бидејќи штетите кои би се предизвикале се крајно неспоредливо поголеми од вредноста на оваа набавка.

Невозможно е да се избегнат штети и последици кои би се предизвикале во производството доколку се чека спроведување само на редовна постапка за јавна набавка. Неопходно е до нејзино спроведување што би значело во идеални услови најмалку три месеци да обезбедиме услуга од потребната помошна механизација. Во овој период од годината се главните подготовки за грејна сезона 2018/2019 што значи дека планираните количини на јаглед задолжително мора да се обезбедат на депонијата за јаглен како би се избегнале било какви застои, стои во образложението за склучување на договорот.

Нашите истражувања врз основа на јавно достапните податоци покажуваат дека фирмата на Марковски за само една година има пораст на приходите од речиси 100 отсто. Фирмата во 2016-та година остварила приходи од околу 4,5 милиони евра, а во 2017-та приходите дупло се зголемуваат и се нешто над 9 милиони евра.

Ова не е прв пат АД ЕЛЕМ со „Марковски компани“ од Битола да склучи договор во четири очи. Договорите се најчесто правени така, но фирмата и редовно учествува на тендери кои ги објавува АД ЕЛЕМ. Во последните 12 месеци, учествувала и добила шест тендери, секој од нив вреден по неколку милиони евра.

Но, интересно е што „Марковски“ не само што лапа (л) тендери, туку името на газдата на компанијата СДСМ го поврзуваше со екс-разунавачот Сашо Мијалков. Ако се оди по нивната логика дека „Марковски“ добивала тендери во четири очи во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш истото прашање се поставува и сега – кои се неговите врски со СДСМ за да добива мрсни договори во четири очи и повторно од ЕЛЕМ (РЕК Битола).

Борче Марковски во друштво со амбасадорот на Русија (лево од него) и амбасадорот на Белорусија

СДСМ, во времето кога беше опозиција, откри договор што оваа битолска компанија го склучила со акционерското друштво за производство на електрична енергија тежок 5 милиони евра, а од партијата на Зоран Заев ја портретираа „Марковски Компани“ како блиска до Мијалков.

Сепак, евидентно е дека младиот Марковски успеал да им лапне тендери пред нос на силните компании како што се „Пелистер“, „Силекс“, „Гранит“, „Трансмет“, кои ги добиваа тешките тендери главно за ископ на јаглен и за ангажирање механизација.

Битолчанецот Борче Марковски извесен период престојувал во Србија, а во 2016 година се враќа во земјата и станува почесен конзул на Република Белорусија во Македонија со канцеларии во Скопје. Така започнува и неговата метеорска бизнис кариера, односно евидентен е растот на неговата компанија.

Според нашите истражувања на јавно достапни податоци, фирмата во 2016-та година остварила приходи од околу 4,5 милиони евра, а во 2017-та приходите дупло се зголемуваат и се нешто над 9 милиони евра. Во оваа година, пак, „Марковски Компани“ добива 6 тендери, со што само се потврдува дека оваа компанија добива тендери и договори без разлика кој е на власт.