Албанскиот премиер Еди Рама се заложи „Шенгенскиот модел“ да се применува со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан, а не само со Косово.
На прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев во Тирана тој рече дека порано или подоцна „граѓаните ќе влегуваат и излегуваат од границите на Македонија и Албанија без никакви пречки“.
Шенгенскиот модел треба да се прошири низ регионот, Косово, Македонија и Црна Гора, со уверување дека сите земји од Западен Балкан треба да влезат во овој процес. Нашите граници мора да бидат проодни како границите на Европската унија. Ако треба да го сториме тоа со членките на ЕУ, никој не не спречува да го правиме тоа меѓу нас, денес, а не утре. Порано или подоцна ние ќе им дадеме на граѓаните можност да влегуваат и да излегуваат во двете земји без какви било пречки, контроли, без ниту еден проблем, онака како што влегуваат и излегуваат во нивните земји граѓаните на ЕУ, посочи Рама.
Тој додаде дека Албанија почнала процес со Косово, кој за жал, погрешно бил разбран.
Кога зборувавме за „Шенгенски“ проект со Косово, бевме погрешно разбрани, но велам дека тоа е само почеток за да продолжиме со други земји во регионот. Сите земји од Западен Балкан треба да бидат вклучени во овој процес. Границите ќе бидат попроодни со сите земји од Западен Балкан, како што е Европската унија за да граѓаните може да влегуваат и да излегуваат без никаква контрола од двете страни на границата, појаснува Рама.
Според Рама, на средбата со премиерот Заев постигнале договор за создавање заедничка економска зона меѓу двете земји.
Comments are closed for this post.