Министерството за внатрешни работи за време на одржувањето на мирните протести организирани од движењето „За заедничка Македонија“ во 2017 година, водела посебна оперативна акција под кодното име „Платформа“. Пред спроведувањето на референдумот за промена на името во 2018 година, тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање исто така водела посебна оперативна акција именувана како „Атлантик“.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска обелодени дека и деновиве, за време на одржувањето на мирните протести против прифаќањето на францускиот предлог за укинување на бугарското вето и отпочнување преговори за членство на Македонија во ЕУ, со кој наместо европеизација, на Македонците им се нуди целосна бугаризација, исто така се води оперативна акција. Само не го кажа нејзиното кодно име. Тоа веројатно ќе се дознае, откако одново ќе бидеме сведоци на нов политички процес.
Мора да се забележи дека основна работа на МВР е грижата за безбедност на граѓаните и на институциите на државата. Но, крајно индикативно е што во релативно краток временски период од само неколку години вината за неуспехот на владејачката политичка елита во водењето и на внатрешната и на надворешната политика се префрла на народот.
Вината за последните настани не лежи во францускиот предлог! Тој е само последица на непромисленоста на власта да го потпише Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија со катастрофалната одредница за „заедничка историја“, што сега, со францускиот предлог, ЕУ станува гарант за нејзиното спроведување.
-Билатералниот договор за добрососедски односи од 2017 година, потпишан од премиерите Заев и Борисов, се сметаше за важен момент во постојано растечките позитивни ставови меѓу двајцата. И, потоа, одеднаш-се уште не знам кој е главниот мотив кој стои зад тоа. Почнаа да зборуваат за тоа дека историјата е предуслов за напредок кон Брисел, и можам да ви кажам дека сите ние на овој крај на овој политички јаз, или дискусија ако сакате, беа фатени во тесно и неподготвени…Дури и денес, навистина не сум сигурен за вистинските мотиви на нивната страна, зошто историјата беше толку важна за нив. Тоа никогаш не му се случило на ниту еден друг кандидат за членство во ЕУ, изјави меѓу другото на 22 февруари годинава претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Еуроњуз“.
Што треба повеќе да се каже кога шефот на државата отворено признава дека власта била фатена во тесно и неподготвена за „заедничката историја“ со Бугарија?! И згора на ова, сега власта е подготвена да потпише и да прифати нова глупост, со која за период од деценија-две Македонците треба да се самоукинат како народ!
И за да ја сокрие сопствената неспособност одново се нафрла врз народот македонски, со нова акција во која повторно во главна улога се јавуваат луѓе со качулки на главата! А, досегашното искуство покажа дека тие секогаш остануваат недопрени.
На пример, за настаните од 27 април не беше покренато обвинение, ниту беа осудени лицата со качулки, кои влегоа во Собранието, освен едно, кое не сакаше да соработува со обвинителството и со полицијата. Најекспонираните и тие, што купуваа и качулки и тепаа беа помилувани со законот за амнестија, донесен по нарачка на СДСМ и ДУИ. Станува збор за двајца браќа добро познати на јавноста.
Луѓето со качулки по правило се луѓе врбувани од службите и разни центри на моќ и за тоа имаше сведоци на судењето за 27 април. Очигледно, власта сака по секоја цена да го повтори нејзиното „добитничко“ сценарио, но губитничко за македонскиот народ. Инаку, кој и зошто на синоќешните протести би сакал да влезе во Собранието, кое не работи и во него нема никој, ниту пак внатре е Крсто Мукоски за да ги отвори вратите!!!
Comments are closed for this post.