Aнтикорупциската комисија има отворено предмет за работата на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска.

Член на Комисијата работи на предмет за работата на директорот Тозија, но не можам повеќе детали да откријам, затоа што наша пракса е секој член да си го работи предметот и кога ќе биде готова да го презентира пред останатите членови. Попладне имаме состанок и дополнително ќе ве информираме“, одговори Ивановска на нашите прашања дали предметот е поврзан со предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата, и што конкретно се истражува во предметот и во која фаза е.

Според неофицијални информаци на редакцијата, предметот ја испитува законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата. Спорно е што за најголем дел од исплатените проекти нема од продуцентите ниту банкарски гаранции ниту документација за завршени претходни фази. Во согласност со Законот за филмска дејност, филмскиот продуцент пред склучување на договорот во соодветен рок треба да достави банкарска гаранција во висина од 25% од износот на средства кои ги исплаќа Агенцијата.

За друг случај, против Тозија е поднесена и кривична пријава до Основното јавно обвинителство, од продуцентот Роберт Насков и продуцентската куќа „Партизанс“. Пријавата се однесува за филмот од 2016 „Ослободување на Скопје“, во режија на Данило и Раде Шербеџија, каде мнозински продуцент со 69 отсто е „Партизанс“, додека копродуценти се „МП филм продакшн“ од Хрватска и „Арт филмс продакшн АФП“ од Финска. Филмот се снимаше на крајот на 2014, а премиерата беше во октомври 2016. Тозија во тој период бил ангажиран како надворешен соработник на филмот, но заедно со хрватскиот копродуцент Игор Нола, без знаење на главниот продуцент Насков, ги продале правата на филмот на дистрибутери од Холандија и од Италија. Во 2016 „Ослободување на Скопје“ беше и македонски кандидат за Оскар.

Со оглед дека Агенцијата за филм во 2014 го поддржа овој филм со 1.25 милиони евра, Насков и Поповски сметаат дека Тозија, кој стана директор на Агенцијата во август 2017, претходно со неовластената продажба го оштетил буџетот со над 20.000 евра, оти дел од парите за дистрибуција треба да се вратат во Агенцијата.