По еден час пауза треба да продолжи денешната 126. собраниска седница на која се ставени 124 точки. Пратениците сé уште не го изгласаа дневниот ред, иако седницата почна околу 13:30 часот.

Паузата е по барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Мицевски го обвини Џафери дека направил хаос од денешната седница, соопштувајќи прво дека некои од предлог-законите на опозицијата не се доставени, за потоа да каже дека тие се пристигнати кај службите.

Изминатите неколку часа, откако претседателот на Собранието го прочита дневниот ред, за збор се јавуваа само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.Бараа некои од точките да бидат прераспоредени или сосема тргнати, но мнозинството не ги поддржа во намерата. Меѓу предлозите на ВМРО-ДПМНЕ беше и Информацијата за аерозагадувањето да биде втора точка на седницата, што не беше усвоено.