Со 588 илјади евра Радовиш и бугарскиот пограничен град Сандански ќе реализираат заеднички проектот за спречување и намалување на последиците од катастрофи.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе го имплементира проектот. Според Жулиета Ѓуркова, раководителка на центарот, податоците од последните 20 години покажуваат дека регионот најчесто е погоден од поплави.

-Главна цел на ваквиот проект е спречување и ублажување на последиците од природни катастрофи од прекугранична димензија, со тоа што главна активност во Југоисточниот регион е уредување на дел од коритото на реката Сушица во Општина Радовиш во должина од 624 метри, чистење на коритото, поставување на каскадни прагови, кејски ѕид, уредување на дното, градење скали и рампи, истакна Ѓуркова.

Според Марија Бандулова, асистент на проектот, покрај уредувањето на коритото на река Сушица, која предизвика многу штети во Општина Радовиш изминатиот период, ќе се изврши пошумување и позеленување околу коритото.

-Ќе се подготви Водич „Збирка на добри практики за борба против последиците од климатските промени во заедниците“, а ќе се одржат и тркалезни маси за дискусија за ублажување на последиците од климатските промени за поддршка и размена на добри практики, искуства и знаења за различните мерки за ублажување на последиците од климатските промени, рече Бандулова.

Вакви активности ќе се реализираат и во Општина Сандански, Бугарија, со што треба да се подобри квалитетот на живот на граѓаните во прекуграничниот регион преку зголемување на безбедноста од природни катастрофи.

Проектот е финансиран од ЕУ преку Интеррег-ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, а во вкупната вредност на проектот Општина Радовиш учествува со кофинансирање од 191.636 евра. Останатите средства се обезбедени од Министерството за локална самоуправа и Европската унија.